недела, 16. јуни 2019. Вести денес: 74
home Култура

Коле Ангеловски напиша книга за работниот век во Драмски театар

Коле Ангеловски напиша книга за работниот век во Драмски театар

Актерот, сценарист и режисер Коле Ангеловски објави автобиографска книга за 50-те години кои работно ги поминал во Драмски театар-Скопје.

Насловена е  „Педесет години во Драмски…и клоцата во…“, а воедно, како што наведуваат рецензентите Сашо Тасевски и Свето Стаменов,  книгата е и искрена приказна за самиот театар, за луѓето во него и со кои работел, за претставите кои ги режирал, за успесите и наградите, но и за разочарувањата што ги доживеал.

-Мојот живот во Драмски, пред сè, беше огромната љубов кон театарот и луѓето во него. Ова е многу субјективна  и носталгична приказна за работите што мене ми се случувале и, ако во овие мои писанија некој се почувствува навреден или обесправен, да знае дека не е со зла мисла, а може да е со намера, вели Ангеловски.

Ова е приказна за луѓето во Драмски, додава авторот, за директорите, актерите, техничките директори, сценските работници, инспициентите, електричарите, тонските мајстори, шивачите, шминкерите, реквизитерите, администрацијата, чистачките, портирите…. за ходниците, тајните места во театарот, чигите, рефлекторите, прашината, провевот… за бифето, разговорите, песните, кавгите и тепачките…

– Ова е приказна за претставите, пробите, животот во Театарот, за патувањата, турнеите, гостувањата, фестивалите… Сето ова јас го доживеав, но кој знае, можеби и не било баш така?!, вели Ангеловски.

Книгата  содржи и педесетина фотографии од најзначајните претстави што Коле Ангеловски ги режираше на сцената на Драмскиот театар,  како и индекс на театарски текстови што ги напишал и на театарски текстови што ги превел. (МИА)