среда, 26. февруари 2020. Вести денес: 0
home Култура

Книга за најстарите културни традиции, писма и литератури

Книга за најстарите културни традиции, писма и литератури

„По трагите на древните цивилизации“ е насловена книгата на Искра Тасевска Хаџи-Бошкова што ја објави „Македоника литера“, во која се синтетизирани разновидни проучувања кои се однесуваат на најстарите културни традиции, писма и литератури.

Книгата овозможува детален увид во специфичностите на одделните цивилизации, а посебно на древните литератури кои им припаѓаат на тие цивилизации. Во неа се опфатени месопотамската, египетската, индиската и хеленската цивилизација. Посебно се обработени најрепрезентативните книжевни дела кои им припаѓаат на тие цивилизации.

Во рецензијата на проф. д-р Венко Андоновски, која е објавена како поговор, пишува дека „книгата на Тасевска Хаџи-Бошкова е идеална хармонија на два пристапа: енциклопедискиот (кој подразбира акумулација и систематизација на научно проверени податоци, синхрониски и дијахрониски) и херменевтичкиот (интерпретација, односно толкување на книжевниот текст)“.

Искра Тасевска Хаџи-Бошкова е доктор на филолошки науки и работи како доцент на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје