вторник, 17. септември 2019. Вести денес: 50
home Култура

Како го замразив социјализмот и никогаш не успеав да го засакам капитализмот (Исповед на еден пензиониран рокер)

Како го замразив социјализмот и никогаш не успеав да го засакам капитализмот (Исповед на еден пензиониран рокер)

Еден ден нашиот другар Вања дотрча на корзото задишан како антички гласник и возбудено ни соопшти дека во Англија се појавиле „тинеждери!?” Оваа вест беше сериозен удар за тогашната званична парола „Америка и Енглеска биќе земља пролетерска”. Разбирливо, затоа што ние покрај работници, селани и поштена интелигенција, знаевме само за младинец, ударник и пионер, а ова… После испадна дека не биле „тинеждери” туку „тинејџери”, но на Вања му остана прекарот а нам споменот за овој драматичен настан кој се смета за званичен почеток на нашето приправничко тинејџерисување.

Беа тоа времиња кога полесно беше да отепаш бафало во Канада, отколку да фатиш женска во Скопје. Важеше строгото правило „ништо пред брак”, а тоа во пракса значеше дека можеш да ја пипкаш женската од половината угоре но никако од половината удолу! На нашите сурати избиваа бубуљици познати во тоа време под стручнот термин „нејебици“. Народниот обичај „ништо пред брак“ не направи вистински аргати под јорганче во долгите непроспиени ноќи. Нашите родители додатно ни го загорчуваа животот со опомената дека ако продолжиме со нашата „рачна работа” ќе ни се осушела кичмата!?

Наместо сексуално воспитување, во школо имавме предмет „домаќинство” и по цел ден девојчињата везеа а ние стругавме шпер-плоча за да можеме еден ден да ја склопиме ајфеловата кула, а после да ја ставиме на миљенцето на телевизорот! И додека ја шетавме нашата половина од женската не можејќи да пипкаме јужно од нејзиниот папок, од „трулиот запад“ стигна шокантна вест за некој „Вудсток“ и некаква си „сексуална револуција!?“ Во истиот миг сите сакавме да се пријавиме како доброволци, многу помасовно отколку за октомвриската, кубанската и сите други револуции, заедно! Секој од нас реши да загине за идеали, во корист на своето општо добро!
Два настани ми го растурија животот како леблебија. Првиотот е опишан во трето лице еднина затоа што имам многу строга сопруга. Не ми дава да имам девојка!

И еве, после долги педесет години од првата средба, повторно во истата кафеана и на истата маса. Не очекуваше да ја сретне истата Марта која ја остави во онаа глува есенска квечерина. Но тоа што го виде беше првиот нож што се зари длабоко во неговата слабина.
„Како си?“ – ја праша со глас на копиљ кој прв пат е на забар.
„Не се жалам“ – одговори Марта со воздишка на син сомот и махинално ја подигна својата ролка, за да ги покрие бројните предавнички фалти на својот врат. На ова место никој не е против едно парче тишина, особено кога е невозможно да се пронајдат вистинските зборови.
„Одлично изгледаш“ – беше вториот обид да и се доближи барем малку поблиску. Марта ги раздвижи усните во правец кој имаше најискрена намера да биде топла насмевка, но тоа што го виде тој не беше топло, а уште помалу насмевка. Годините сурово ја вежбале својата строгост врз прекрасната Марта, некогашна сопственичка на најубавата насмевка во овој дел од светот.

Повторно почнаа да тонат во тишина како во буре со катран, кога келнерот ги извести дека „куќата ги чести“. Најверојатно ги третираат како „редовни гости“, затоа што седат на својата маса еве веќе седумнаесет часа, ако не се одбијат оние неколку посети на тоалетот од оправдани причини. Не е за верување, но во истиот миг тој се извика: „Порција помфрит!“ Пред педесет години се пиеше само пиво затоа што тогаш помфритот спаѓаше скоро во луксуз, колку и да не верувате!

Оваа кафеана во социјализмот беше на такво ниво што еднаш на вратата ставивме натпис: „ОТВОРЕНО“ – за жал!“ Ама и сега е за никаде! Ги нема веќе оние чаршафи на масите со црвено-бели коцки. За сифоните со кои правевме шушкави шприцери, никој не чул!? И се загубила секаква трага на онаа дрвена закачалка („чивилук“) во аголот каде ритуално и достоинствено ги бесевме нашите мохер капути, шушкавци и ѓубретарци. Денес пијачка на вересија нема. Наводно, заради модерните времиња во кои брат на брата си не верува! Каде се оние огнени и гласни дискусии и довикувања од маса на маса? Сега сите седат и зјапаат во својот мобилен телефон, кој го измислил ѓаволот лично. Само повремено разговараат ама и тогаш само за тоа што го гледаат на телефонот! Одамна ги нема оние темни женски најлон чорапи со шав на средината и деколте со пејсаж на Караванки… Ја нема и онаа Марта со висок и бел врат како крин, очи со боја на мед и… Го нема и него Тогаш кој се сретна во оваа кафеана додека надвор оловни дождови („A hard rain“) баботат по околните стреи и олуци!? Никогаш нема одговор на вистинските прашања.
Излегоа надвор. „Да те одвезам до дома?“ „Не мораш. Блиску ми е автобуската станица“. Влезе во својот „автомобил“ како во пештера. Долго време го следеше несигурниот чекор на Марта, се додека не стана само црна дамка на хоризонтот….
Како Марта ме опишала мене? Не сакам да знам!

Еве ја втората средба која е уште пострашна од првата, за мене и остатокот на светот.
Пред педесет години некој да ми кажеше (макар и во заебанција) дека ќе пишувам против Вудсток, жестоко ќе полемизирав а богами и тепачка немаше да одбегнувам. Живеевме во држава на доживотен претседател во време на паролата „ми градимо пругу-пруга гради нас”, долги редови за млеко, кафе, бензин и кусур во самопослуга пресметан во оние очајни мастики за џвакање во форма на цигари, со амбициозен сон и ние еден ден да купиме телевизор во боја! Се што доаѓаше од Запад беше наша шанса да се одлепиме (колку-толку) од социјалистичкото сивило. На Исток одевме за да глумиме Американци, затоа што таму „Битлсите“, фармерките и џвакалките беа строго забранети, а до „Лада жигули” доаѓаа само среќници што успеваа да ги преживеат оние седум-осум години чекање на славната лимузина!

За читетелите кои не ме познаваат, сега ќе ги истакнам најважните моменти од мојот рокерски стаж. За да не помислат дека во времето на „Вудсток“ сум бил примерна „бубалица“ (таканаречен „вуковац“), претседател на клас, на младина или носител на штафета „од Триглава до Ѓевѓелије“. Напротив. Бегав од здодевните часови, бев немирен кај најстрогите наставници, носев прв макси капут во Скопје сошиен кај Милер, кошула со цветови, изведба на една шнајдерка во Бутел, карирани панталони (исти такви носеше Брајан Џонс од „Стоунси“) креација на мајстор Допси од „Рузвелтова“, а на молба на моите родители мојата долга коса не ја офарбав зелена (каде беше тогаш Дејвид Боуви!?) туку ја шатирав со хидроген 12 проценти, купен во аптеката до „Мал одмор“. Има уште. Иако комплетно облечен и дотеран, низ град одев со боси нозе, уште пред да се појави славниот албум на Битлси „Еби роуд“, на кој Пол Макартни оди бос на оној пешачки премин. Прва женска ми беше Џенис Џоплин, додуша теоретски, ама и тоа се важи.

Бев голем верник во „Вудсток“ затоа што најпоследните пари ги дадов за оргиналните плочи од тој историски настан. И додека моите врсници се ладеа на море, езеро или бистра река, јас останав дома со скопскиот топлотен удар и моите плочи кои постојано ги држев во рацете како свети реликвии. И одеднаш, „ничим изазвана“, се појави Џони Мичел со својата „Амелија“ и ништо не беше како порано! Во истиот миг сакав да и го правам тоа што пролетта им го прави на црешите! Тогаш имав само еснаесет години. Денес имам јубилејни години и еве што мислам: Вудсток е метафора, симбол и парадигма на западната цивилизација. Сексуалната револуција и феминизмот (кои тогаш го достигнаа својот зенит) се најпознатите автоголови што си ги даде таа иста (хронично декадентна) цивилизација. Последиците се чувствуваат до ден-денес. Сексуалната возбуда е сведена на ниво на купување во маалска бакалница или врзување врвки на чевлите. Иронијата на митот за Вудсток е трагикомична. Тие што најмногу протестираа против капитализмот (Боб Дилан, Џоан Баез и др.) најмногу и го зацврстија, со профитот добиен од нивните милионски тиражи. Тамошните хипи револуционери (Бил Клинтон, Тони Блер и др.) многу години подоцна бомбардираа цели народи, а овдешниве првоборци од 1968 година, едвај дочекаа да ги сместат своите амбициозни газови на нависоки политички и државни функции! (Ова ви е нешто познато и свежо, а?) А и мангупката од нашите редови, Џејн Фонда, направи пластична операција на своите клапнати цицки а после се омажи за еден богат политичар со фаца на бајато лиснато тесто!

Сексуалните револуционери што се побунија против строгите пуритански стеги, ослободувајќи ги следбениците од едно ропство, ги втурнаа во ново ропство на перверзни сексуални фантазии, против кои се буни човечката потсвест. Секоја антитеза е продолжување на тезата. Оваа раскалашеност не е ништо друго освен друга форма на пуританизмот! Така класичните „стидне ваши“ (пицаизли) добија статус на обична кашлица кога ќе се споредат со сите сексуални болештии кои почнаа во тоа време, а за кои, денес редовно ги обвинуваме кутрите мајмуни од Африка!

Тоа што е светост и божји дар во источните цивилизации (семејство, деца, кујна…) на Запад се доживува како конформизам и здодевно повторување. Ние повеќе не умееме да се восхитуваме на секојдневните интимности. Иронијата на феминизмот е уште посурова. Тој е измислен поради недостиг на работна сила. Дури после се измислени сите оние филозофски и поетски обланди и целофани, за полесно да се продаде стоката. Така дојдовме до ова цивилизациско дереџе: водиме љубов преку интернет, а не е далеку денот кога ќе лижеме сладолед преку стакло. Немам јас ништо против тие што мислат дека возењето точак е сексуална активност. Само барам другите да имаат право да бидат старомодни и конзервативни.

За да не ме обвинат овдешниве бадијалџии (познати како “експерти”) дека сум заостанат и прост, го приложувам следниот текст: Кога јас сум живеел и работел на запад, тие со мотиче и лопатче си играле во песок. А овие постариве вампири во тоа време наместо во мајка, се колнеле во Ленин, Маркс, Енгелс и Тито за да им поверуваат!

Сепак, „Вудсток“ е значаен затоа што таму се виде дека Џими Хендрикс е „Шекспир на гитара“.
Гледано од оваа историска дистанца, испаѓа дека оној отфрлен и заборавен предмет „домаќинство“ е најважен, особено денес кога ништо домаќинско не остана. Во буквална и метафорична смисла!

НАРАВОУЧЕНИЕ:
Никогаш не се враќај на местото на „злочинот“.
Братислав Димитров