петок, 22. ноември 2019. Вести денес: 18
home Култура

Изложба за Дрезден на отворањето на „Деновите на европско Скопје 2019“

Изложба за Дрезден на отворањето на „Деновите на европско Скопје 2019“

Со фотографската изложба „Дрезден: лица / простори / време“ од Иван Блажев, Александар Кондев и Матијас Шуман, вечер од 20 часот во Културно-информативниот центар ќе почне мултимедијалната манифестација „Денови на европско Скопје 2019“ организирана од Дирекцијата за култура и уметност-Скопје под покровителство на Град Скопје.

Фотографиите за германскиот град се направени во рамки на програмата за културната размена помеѓу Скопје и Дрезден кои се збратимени градови. Проектот почнал во 2017 година, кога Матијас Шуман од Дрезден преку размена бил во Скопје, го фотографирал градот и лани направил изложба во Дрезден. Неговите биле придружени со фотографиите на Блажев и Кондев кои во тој период реализирале авторска резиденција од десетина дена и го фотографирале Дрезден. Вечерашната изложба во КИЦ ќе биде премиерно прикажување на тие фотографии и ќе може да се посети до 30 октомври.

„Деновите на европско Скопје 2019“ кои се организираат по повод 13 Ноември – Денот на ослободувањето на главниот град ќе продолжат со уште неколку настани. На 28 октомври од 19.19 часот во Салон 19,19 во КИЦ, Музичката младина на Македонија ќе одржи концерт „Пет и квинтет“, а наредниот ден во кафеаната „Пелистер“ од 11 часот ќе биде промовирана книгата „Од летописот на творците за роднокрајното Скопје“ од Тамара Арсовска.

На 30 октомври ќе биде организирана работилница „Магијата на портретно овековечени“ на фотографот Љупчо Илиевски со ученици од средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“. Нивната аматерска изложба „Мој портрет за моето европско Скопје“ ќе биде отворена на 5 ноември во 19 часот во ЕУ Инфоцентарот, кога ќе бидат доделени награди за трите најдобри фотографии.

И оваа година Дирекцијата за култура и уметност-Скопје во рамки на „Деновите на европско Скопје 2019“ и по повод ослободувањето на градот распиша конкурс за новинарски текст на тема „Тебе, граду мој“.

Есеите треба да се праќаат на електронската адреса: skleto@unet.com.mk, најдоцна до 5 ноември. Тричлена комисија ќе одлучува за наградите и тие ќе бидат врачени на 20 ноември напладне во ЕУ Инфоцентарот. Проектот е поддржан од Делегацијата на Европската Унија во Скопје.