вторник, 18. јануари 2022. Вести денес: 61
home Култура

Изложба на дигитални графики од студентите од Факултетот за ликовни уметности

Изложба на дигитални графики од студентите од Факултетот за ликовни уметности

Студентите од Катедрата по графика при Факултетот за ликовни уметности – Скопје денеска организираат изложба на дигитални графики во Сули ан.

–Овојпат Катедра по графика ја претставува изложбата „Мултиоригиналите и дигиталното“, која е продолжување на неодамна одржаната изложба „Мултиоригинал“. Се одлучивме да претставиме новосоздадени дигитални графики на студентите учесници во проектот: Мирела Имероска, Тамара Марчевска, Милена Петковска, Сара Митковска, Анастасија Пауноска, Викторија Калемџиевска, Михаил Паскоски, Марко Печеновиќ, Ева Симевска и Милица Величковиќ, соопшти ФЛУ.

Дигиталните дела се инспирирани од дел од графиките од депото на Катедрата по графика кое можеби ја има и најбогатата збирка на современа графика во земјава. Како што наведува ФЛУ, ова се должи на фактот дека Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, од своето основање во 1980 година, континуирано ја негува графиката како една од основните изразни ликовни/визуелни дисциплини.

Проектот е поддржан од Министерство за култура и е осмислен и организиран од проф. д-р Славица Јанешлиева, проф. м-р Ладислав Цветковски и асс. м-р Ана Спасова.

Изложбата ќе биде поставена до 20 јануари 2022 година, со почитување на КОВИД-протоколите.

Коронавирус