понеделник, 20. август 2018. Вести денес: 48
home Култура

„Фајтинг виндмилс“ и „Диртмјузик“ на втората вечер од 17. „ОФФест“

„Фајтинг виндмилс“ и „Диртмјузик“ на втората вечер од 17. „ОФФест“

Фестивалот на музика од светот ОФФест денеска продолжува со два концерта во Дансинг салата на Младинскиот културен центар. Втората фестивалска вечер ќе ја отвори петчлениот македонски состав „Фајтинг виндмилс“ (Fighting Windmills) кои се единствени учесници на 17. ОФФест и на настапот концертно ќе го промовираат најновиот албум „An Exercise in Surprise“ што го објавија во април годинава.

Бендот е формиран во 2007 година и создава музика што не подлежи на категоризација, пронаоѓајки го својот идентитет во играта со повеќе жанровски и стилски извори, меѓу другите и со пост-рок, фри-џез, пост-панк, фолклор, амбиентална и современа класична музика. Во нивната дискографија имаат пет албуми, а во меѓувреме соработуваат со претставници на македонската современа џез-сцена, како Sethstat  и Јордан Костов.

– Покрај веќе воспоставените насоки, бендот флертува со елементи на современиот скандинавски џез, диско-панк и теми од соло-делниците на Чарли Паркер. Насловот на албумот и насоката во која се движи ова издание се делумно инспирирани од легендарниот квинтет на Кен Вандермарк, ссопшти ОФФест.

Директорот на фестивалот Оливер Белопета на соопштувањето на програмата рече дека на секое издание сакаат да имаат и македонски изведувачи. „Фајтинг виндмилс“, рече тој, не е само надежна, туку веќе и докажана група, која ќе им се придружи на  квалитетните учесници кои досега биле дел од ОФФест, како „Проект Жлуст“, „Бернајс пропаганда“, „Љубојна“, Драган Даутовски, Горан Трајкоски…

Гитаристот на групата Филип Букршлиев на прес-конференцијата рече дека негуваат звук несвојствен за македонската музичка сцена и дека се почестени што ќе настапат на ОФФест, кој заедно со Скопскиот џез-фестивал, како што рече, влијаеле на нивниот музички развој.

– Во Македонија тие два фестивала се единствена допирна точка за она што е актуелно на светската музичка сцена, рече Букршлиев. Покрај него, во „Фајтинг виндмилс“ членуваат и Никола Гугоски (гитара), Нинослав Спировски (саксофон, кларинет), Дени Омерагиќ (бас) и Антоние Весковски (тапани).

По нивниот настап на истата сцена во МКЦ концерт ќе има петчлениот американско-австралиско-турски состав „Диртмјузик“ (Dirtmusic).

Формирани се од американските музичари Крис Екман и Крис Броков и Австралиецот Хуго Рејс (Тhe Bad Seeds) како акустично блуз трио, a светски позната музичка група станале речиси случајно. Пред една деценија на фестивалот во Тимбукту во Мали се здружиле со туарезите од групата „Тамикрест“.

– Она што започна како џем-сејшн прерасна во соработка од која произлегоа неколку албуми кои подеднакво ги надградија и двете групи. Изненадувачки, новиот албум на „Диртмјузик“ навлегува во друга територија – „Bu Bir Ruya”, објавен во јануари 2018 година, е веројатно досега најдобриот нивни албум. На Крис и Хуго им се придружи и Мурат Ертел (Баба Зула). Со гитарите во раце тројцата „номади” ја креираа нивната нова, многу возбудлива музичка структура. Овие мултиинструменталисти, од различен бекграунд, се соединија во еден заеднички јазик, наведува организаторот на фестивалот.

Нивниот албум „Bu Bir Ruya“ на едно место содржи пост-панк, турска психоделија, фанк, рок и електроника. (МИА)