вторник, 22. октомври 2019. Вести денес: 0
home Култура

Браво македонски девојчиња: Талентираните пијанистки Јована и Мимоза го освојуваат светот

Браво македонски девојчиња: Талентираните пијанистки Јована и Мимоза го освојуваат светот

После успешниот концерт на нашите пијанистки Мимоза Ќека и Јована Трајчева на Музичките недели во Американската Катедрала во Париз, Франција, тие вечерва (19.09.2019)  ќе настапат со целовечерен пијано – дуо рецитал во Театро Марчело со почеток во 20:30 часот.

Мимоза Ќека (1994) пијано започнува да учи на петгодишна возраст, а основното и средното музичко образование го завршува во ДМБУЦ ,,Илија Николовски-Луј’. Дипломира (2015)  во класата на проф. Тодор Светиев и магистрира (2017) под менторство на проф. Лилија Зилберштајн.. Активно настапува одржувајќи целовечерни рецитали во рамки на фестивалите Златна лира, Нов културен  бран, Festival international de piano Jeunes Talents- Франција, Сиена летен Фестивал на класична музика- Италија, Солеј- Фестивал на Франкофонијата- Бугарија, Интернационален фестивал Concerti del Tempietto во Театро Марчело Рим, Италија. Настапува и во состави, со ансамблот ConTempora, како и во рамки на Есенски музички свечености, Денови на македонска музика, Musica Viva. Посебно се издвојува нејзиниот настап со Симфонискиот оркестар на ФМУ-Скопје, под диригентство на маестро Саша Николовски – Ѓумар со изведба на Концертот бр. 2 за пијано и оркестар од К. Сен-Санс. Во ноември 2018 година заедно со Јована Трајчева успешно го реализираат проектот ,,Есенска Бајка’’- Хуманитарен концерт за СОС Детско село Скопје. Мимоза Ќека е член на Сојузот на Музички Уметници на Македонија.

Јована Трајчева (1994)  своето музичко образование го започнува на 7 годишна возраст во ДМБУЦ ,,Илија Николовски-Луј’’. Дипломира (2015),  магистрира (2017) на Факултетот за музичка уметност во класата на проф. Нина Костова, на одделот по музичка интерпретација. Бележи успешни настапи и на фестивалите Охридско лето, Скопско лето, Денови на македонска музика, Musica Viva, Есенски музички свечености. Има одржано повеќе солистички рецитали во градови низ Р.Македонија- Скопје, Охрид, Тетово, како позначаен ќе се спомене и рециталот во црквата Св.Софија во Охрид 2017 година, а бележи настапи и натпревари и фестивали и надвор од Македонија- Рим, Ибица, Милано, како и во Cite des Arts во Париз. Настапува и со оркестарот на Македонската Филхармонија под диригентската палка на Ле Фи Фи. Заедно со Мимоза Ќека успешно го реализираат проектот ,,Есенска Бајка’’-Хуманитарен концерт за СОС Детско Село Скопје. Јована Трајчева е редовен учесник на семинарите на проф. Борис и Људмила Романови.

Јована беше дел од рубриката на КУРИР насловена како „Млади таленти“. Интервјуто со неа можете да го прочитате ТУКА!