сабота, 11. јули 2020. Вести денес: 0
МЕГА БОМБА

Еве ја целата листа: Речиси цело семејство Заеви, министри, градоначалници и функционери на СДСМ добија кривични од Боки 13

home Култура

„Арс Ламина“ го одбележа роденденот на Петре М. Андреевски

„Арс Ламина“ го одбележа роденденот на Петре М. Андреевски

„Арс Ламина – публикации“ неодамна реобјави дела од Петре М. Андреевски, а по повод неговиот роденден, 25 јуни, тимот на издавачката куќа го посети и неговото родно место Слоештица и му оддаде почит.

-Наместо цвеќе, како роденденски подарок му ги донесовме најновите изданија на неговите дела, реанимирани со цртежите од неговата внука, уметницата Воскресија Андреевска и сработени со посебна почит како што зограф создава нечиј свет лик. И токму таму, се заветивме дека ќе го чуваме од заборав, ликот и делото на неговото величие – Петре М. Андреевски, велат од тимот на „Арс Ламина“, кои ја посетија Слоештица за роденденот на книжевниот великан.

Освен во сите книжарници „Литература.мк“, книгите можат да се купат и онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk, а исто така ќе бидат достапни и во сите продажни места на весникот „Слободен печат“. Периодов во продажба се најдоа: првите две изданија од едицијата, романот „Тунел“ и во едно издание расказите „Боемите“ и стихозбирката „Пофалби и поплаки“, потоа (во едно издание) незавршениот и последен роман на Андреевски, „Бежанци“ и збирката песни „Јазли“ и стихозбирката „Лакримариј“.

Од вчера заедно со весникот „Слободен печат“ можат да се купат и романот „Последните селани“ и стихозбирката „Дални наковални“, а во периодот што следува, ќе бидат достапни во продажба и останатите дела: романот „Скакулци“ и стихозбирките „И на небо и на земја“ и „Вечна куќа: тажаленки“. Во посебна едиција ќе биде објавена и поетската збирка за деца „Шарам барам“.

Од издавачката куќа најавуваат и проширување на едицијата „Македонски книжевни класици“ со нови дела од македонски писатели кои ги афирмирале македонскиот јазик и македонската книжевност и со нивните творби и нивната дејност нè задолжиле да го сочуваме создаденото и да ја продолжиме нивната мисија.  (МИА)

Парламентарни избори 2020