вторник, 1. декември 2020. Вести денес: 2
home Македонија

Колумна на Лидија Петкоска: ЗАРОБЕНИ ПОМЕЃУ КОРОНАТА И ВЛАСТА

Колумна на Лидија Петкоска: ЗАРОБЕНИ ПОМЕЃУ КОРОНАТА И ВЛАСТА

По воведувањето на вонредната состојба и ограничувањето на времето за движење, тажни сме до очај! Не заради вирусот, кој како и сите претходни, ќе помине, туку заради оние кои ја водат оваа држава, нивното незнаење, неодговорност, негрижа, обидот глупостите да ни ги наметнат како паметни идеи…сè замаскирано под превезот наречен грижа за заштита на граѓаните!

А граѓаните…скупчени и заробени помеѓу Короната и власта, избезумени од стравот и незивесноста која ни претстои во сите области.

Освен што нè натера да се преиспитаме, што нè зближи и што нè сплоти во заедничката мака, пандемијата покажа кои се и какви се луѓето кои ја водат државата – неспособни од прв до последен, до толку неспособни што не можат ни сами за себе да се грижат, а камоли за државата и за цел народ.

Додуша, рака на срце, и онака за сите нив размислува и за сите нив се грижи оној што ги лаже луѓето…и со зборови и со пантомима. Па така, истиот тој пантомимичар, час е премиер – час министер – час лидер на политичка партија…и кога – како ќе му се присака – така и си настапува.

И воопшто не е проблем настапот, проблемот е во прашањето имаме ли бар трошка полза?

Додека со подзинати усти пред ТВ екраните очекуваме да чуеме мерки за помош и спас, некаков знак дека ќе биде подобро… Добиваме сознанија дека не само што немаме пари за закрепнување, туку до толку сме ограбени, што никакви милијарди нема да можат да ни бидат од полза!

Недообјаснети и конфузни, чудни некои мерки преполни со сокриени податоци…Си ги кажуваат, колку да ги имаат на број, а обичниот човек да помисли дека некој се грижи. Луѓето…дома во заблуда, а надвор страшната и болна реалност, онаа реалност која техничкиот премиер се обиде да ја сокрие напаѓајќи ја новинарката затоа што сакаше да помогне овој народ да не биде доведен во заблуда.

Се соочивме и со суровата вистина за голораките борци за нашите животи (секоја им чест), па следуваше констатиран позитивен случај на Корона вирус – посмртно, жива пациентка-прогласена за мртва!

Го преживеавме и фактот дека болеста ни ја рашири онаа што очекувавме да нè лекува, а се уверивме и во неспособноста бар шатор да монтираат, оние кои очекуваме клиники да градат!

Деновиве се испостави дека имуни на Корона вирусот се единствено судството и администрацијата! Се зголемуваат притисоците, се нижат пресудите, казните, обвинувањата, заканите и уцените кон неистомислениците…и токму тоа е она во што оваа власт е најумешна и незаменлива затоа што само и единствено со оваа власт, обвинителството – гони кого сака, а судот осудува – кого мора!

Од друга страна, додека приватниот сектор кој буквално го храни буџетот (за кој се испостави дека ни го испокрале) се прашува дали денес или утре да стави клуч и како да им ја соопшти на вработените најжалната, но вистинита вест дека се испуштени, имаме полнење на администрацијата на дневна основа и воспоставување на  илјадници нови институции само за задоволување на директорските апетити на истакнатите партиски членови на власта.

Имало или немало потреба за овие вработувања, биле или не биле продуктивни истите, партиските интереси на власта се многу поважни од немoжноста за опоравување на приватниот сектор во догледно време.

Така, оставени сами на себе и заробени помеѓу Короната и власта сфаќаме дека ниту блескаме – ниту сме на прав пат – ниту можеме!

Единствено го имаме Бога – за утеха!

А Короната? Короната ќе замине – заедно со власта!

 

 

Лидија Петкоска

Дипломиран менаџер по туризам и угостителство

Коронавирус