четврток, 17. октомври 2019. Вести денес: 0
home Хроника

Со боксирач претепал тројца полицајци среде Скопје

Со боксирач претепал тројца полицајци среде Скопје

Скопското Обвинителство поведе постапка против 29-годишен скопјанец поради кражба на возило и напад врз тројца полицајци.

Осомничениот синоќа спроти ТЦ „Мавровка“ во Скопје ги забележал двете лица, оштетениот и неговата сопруга, како го паркираат своето возилото „бмв икс 5“ по што се оддалечуваат. Во тој момент осомничениот со погоден предмет – калауз ја отклучил заклучената врата на возилото и заедно со уште едно засега непознато женско лице го стартувал возилото и почнал да се движи. Кога сторителот со возилото се приближил до првата раскрсница, бил забележан од сопственикот на возилото. Тие почнале да трчаат по возилото, го престигнале и се обиделе да го сопрат осомничениот. Но, и покрај обидите и вклученото црвено светло на семафорот, осомничениот продолжил со возилото во непознат правец.

По пријава на кривичниот настан, полицијата веднаш презела мерки за пронаоѓање на возилото. По сознанието дека осомничениот заедно со украденото возило се наоѓа во населбата Маџари, двајца полициски службеници со службено возило се упатиле кон него. Го пресретнале и се обиделе да му го попречат натамошното движење. Во акцијата се придружило и трето службено лице полицаец. Но, и покрај дејствата преземени од полициските службеници, осомничениот со возилото во движење удрил во полициско возило за потоа и физички со опасно орудие – боксирач со бодеж, да ги нападне тројцата полицајци и да им нанесе телесни повреди. Во полициската акција осомничениот бил совладан и приведен со цел обезбедување на натамошниот тек на кривичната постапка.

Надлежниот јавен обвинител заедно со наредбата за спроведување истражна постапка до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување на мерката притвор за осомничениот бидејќи ценеше дека постојат опасности од бегство, дека е можно осомничениот да го повтори кривичното дело, како и дека постои оправдан страв дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоци.

Предлогот на јавниот обвинител беше прифатен од судија на претходна постапка, кој со решение на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.​