четврток, 3. декември 2020. Вести денес: 50
home Хроника

Притворен гевгеличанец кој со лажно претставување измами повеќемина

Притворен гевгеличанец кој со лажно претставување измами повеќемина

Основното јавно обвинителство Гевгелија поведе постапка против лице на возраст од 41 година, за сторени две кривични дела од продолжен вид – „измама“ и „злоупотреба на лични податоци“.

Како што соопшти Јавното обвинителство, осомничениот во временскиот период од 28 октомври 2019 година до 2 февруари годинава, во 18 наврати со умисла извршил временски поврзани дејствија кои претставуваат повеќекратно извршување на истото дело. Тој со намера за себе да прибави противправна имотна корист се јавувал телефонски на повеќе повозрасни лица, претставувајќи се како службеник вработен во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување или во други државни институции кои вршат дејност од јавен интерес. Со лажно прикажување факти ги доведувал, а потоа ги држел во заблуда оштетените дека може да им помогне во остварување на некое право или придобивка од пензија. За да им обезбеди додаток на пензија, заостанати исплати на пензии од брачни другари, запирање на извршување или друго право, осомничениот барал од оштетените да му достават лични податоци и документација и да му дадат парични средства за вршење на услугата. Вршејќи измама, осомничениот успеал за себе противправно да присвои 54.650 денари од вкупно договорените 112.840 денари.

Поради околности кои укажуваат на опасност од бегство и имајќи ја предвид тежината на сторените дела јавниот обвинител до Основниот суд Гевгелија доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот. Судот го прифатил предлогот на Обвинителството и со решение на осомничениот му определил притвор во траење од осум дена.​

Коронавирус