среда, 20. ноември 2019. Вести денес: 4
home Хроника

Поднесено обвинение за лицето кое украде возило и нападна полицајци

Поднесено обвинение за лицето кое украде возило и нападна полицајци

По спроведување на истражната постапка, надлежен јавен обвинител до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице, кое се товари дека сторило кривични дела – Тешка кражба од член 236 став 2 и Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста по член 383 став 2 во врска со став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.

Обвинетиот 29-годишен скопјанец делата ги сторил на 21 јули, кога забележал две лица, оштетениот и неговата сопруга, како го паркираат нивното возило марка БМВ Х5 наспроти ТЦ „Мавровка“ во Скопје и се оддалечуваат. Во тој момент, обвинетиот со погоден предмет – калауз ја отклучил заклучената врата на возилото и заедно со уште едно засега непознато женско лице го стартувал возилото и започнал да се движи. Кога сторителот со возилото се приближил до првата раскрсница бил забележан од сопственикот на возилото. Оштетените започнале да трчаат по возилото, го престигнале и се обиделе да го сопрат обвинетиот. Но и покрај обидите и вклученото црвено светло на семафорот, тој продолжил да управува со возилото.

По пријава на кривичниот настан, полицијата веднаш презела мерки за пронаоѓање на возилото. Откако дознале дека обвинетиот заедно со украденото возило се наоѓа во населбата Маџари, двајца полициски службеници со службено возило Шкода Јети и вклучени ротациски светла, се упатиле кон него. Го пресретнале и се обиделе да му го попречат натамошното движење, го сопреле возилото и се обиделе да го извадат обвинетиот надвор. Притоа обвинетиот најпрвин со возилото во движење удрил во полициското возило, за потоа и физички со опасно орудие – боксирач со бодеж да ги нападне двајцата полицајци и да им нанесе телесни повреди. Во акцијата за совладување на сега обвинетиот се придружило и трето службено лице полицаец, по што тој бил приведен со цел обезбедување на натамошниот тек на кривичната постапка.

Надлежниот јавен обвинител заедно со Обвинителниот акт до Основниот кривичен суд Скопје достави посебен предлог за продолжување на мерката притвор против обвинетиот, бидејќи ценеше дека постои опасност од бегство, дека е можно осомничениот да го повтори кривичното дело, како и дека постои оправдан страв дека ќе ја попречува постапката со влијание врз сведоци.