понеделник, 25. јануари 2021. Вести денес: 149
home Хроника

Поднесен обвинителен акт против седум лица за злоупотреба на службена положба и овластување

Поднесен обвинителен акт против седум лица за злоупотреба на службена положба и овластување

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд – Скопје, поднесе Oбвинителен акт против седум лица за сторено кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување, бидејќи овозможиле правното лице Друштво за спортски активности Тениски Клуб Љуботен ДОО Тетово, да се стекне со право на сопственост на државно градежно земјиште со површина од 4.410 квадратни метри.​​

По спроведената истражна постапка, предметниот обвинител утврди дека во временскиот период од август 2011 година до декември 2012 година, обвинетите З.Т. како претседател на Тениско спортско здружение Љуботен – Тетово и Ц. Н. како управител во правното лице Друштво за спортски активности Тениски Клуб Љуботен ДОО Тетово, со умисла ги потикнале обвинетите А. Н., како лице кое врши работи од јавен интерес и службените лица Џ. А., И. К., К. И. и И. Р. со искористување и неизвршување на нивната службена положба и овластување, да прибават значителна имотна корист за правното лице Друштво за спортски активности Тениски Клуб Љуботен ДОО Тетово, а на штета на средствата на државата – сопственост на градежно земјиште, во вредост од 22.050.000 денари.

– Обвинетите З. Т., А. Н, К. И., И. К. и Џ. А. овозможиле, правното лице, противправно да се стекне со право на сопственост на непостоечки објект со површина од 122 квадратни метри, а се со цел исполнување на условите од член 23 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти и член 20 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, со кои се пропишува стекнувањето на право на сопственост на објект и ексклузивно правно на откуп на земјиште, како и негова приватизација. Обвинетиот Ц.Н. со намера правното лице да се стекне со право на сопственост на градежно земјиште во државна сопственост во површина од 4.410 квадратни метри, спротивно на член 14 став 3 и член 20 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, иако градежната парцела не била дефинирана со урбанистички план, ниту правното лице градежното земјиште го користело по основ на стекнато право на сопственост на објект со правна основа, спротивно на законските услови, поднел Барање за купување на градежно земјиште сопственост на Р. Македонија. Кон Барањето поднел Извод од план изготвен и потпишан од обвинетиот Џ.А. во кој бил внесен невистинит податок, по што обвинетиот И.Р. како службено лице излегол на лице место и по извршениот увид, искористувајќи ја својата службена положба и овластување, во Записник внел невистинит податок дека извршил премер и идентификација катастарската парцела и по увидот во ДУП и ЛУПД, констатирал дека истата се вклопува во намената. Врз основа на ова Министерство за финасии, Сектор за управна постапка, Подрачно одделение за првостепена управна постапка Тетово, донело правосилно Решение за приватизација на градежно земјиште, се вели во соопштението од ОЈО.

Со дејствијата опишани во обвинителниот акт обвинетите овозможиле, противправно, правното лице Друштво за спортски активности Тениски Клуб Љуботен ДОО Тетово, да се стекне со право на сопственост на градежно земјиште со површина од 4.410 квадратни метри, откупувајќи го по цена од 43 денари за 1 квадратен метар односно вкупно за 188.307 денари, а на штета на средствата на државата.​​

Коронавирус