вторник, 17. септември 2019. Вести денес: 124
home Хроника

Нови детали за верижната сообраќајка во која загина мигрант, а 12 беа повредени- се трага по возачот на „фолксвагенот“

Нови детали за верижната сообраќајка во која загина мигрант, а 12 беа повредени- се трага по возачот на „фолксвагенот“

Основното јавно обвинителство Кавадарци изврши увид на автопатот Демир Капија – Неготино, на местото на сообраќајната несреќа во која еден мигрант загина, а 12 беа повредени.

Според првичните сознанија, соопштија од ОЈО Кавадарци, несреќата се случила кога автомобил „фолксваген фетон“, во кој засега непознато лице превезувало 13 мигранти, удрил од задната страна во товарно моторно возило со кавадаречки регистарски ознаки. Од ударот, возачот на камионот изгубил контрола и удрил во друго патничко моторно возило со српски регистарски ознаки, кое исто така е оштетено.

– Возачот на „фолксвагенот“ веднаш по несреќата побегнал од местото на настанот и по него се трага. Скопските регистерски ознаки на автомобилот во кој се превезувале мигрантите не одговараат на возилото, па по наредба на јавен обвинител се работи на утврдување на сопственоста, појаснуваат од ОЈО Кавадарци.

Дополнително, дежурниот јавен обвинител издаде наредба за обдукција на телото на починатиот и врши распит на сведоци на настанот во насока на утврдување на фактите.

Претходно од МВР соопштија дека едно лице мигрант од Бангладеш починало, четворица мигранти се тешко повредени, а осум други се повредени, во сообраќајка што се случила синоќа во 19.40 часот на автопатот Демир Капија- Неготино помеѓу патничко моторно возило „фолксваген фејтон“ со скопски регистарски ознаки, товарно моторно возило со приколка марка „сканија“ со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од Љ.Д. (61) од Кавадарци и патничко моторно возило марка „адрија матрикс“ со српски национални ознаки, управувано од С.Ч.(52) од Република Србија.

По незгодата возачот на „фолксваген фејтон “, во кое се превезувале 13 лица-мигранти, 10 од Пакистан и три од Бангладеш, го напуштил местото на настанот.

– Едно 20 – годишно лице од Бангладеш починало, додека четири лица-мигранти се здобиле со тешки телесни повреди и биле пренесени во комплексот клиники ,,Мајка Тереза” во Скопје, а осуммина од мигрантите се здобиле со телесни повреди и им била укажана помош во болницата во Кавадарци, појаснуваат од МВР.