петок, 7. мај 2021. Вести денес: 146
home Хроника

МВР потврди: Мајка и четири деца (6, 9, 12 и 14) настрадаа во пожарот во Тетово

МВР потврди: Мајка и четири деца (6, 9, 12 и 14) настрадаа во пожарот во Тетово

Денеска околу 5 часот во Секторот за внатрешни работи Тетово пријавен е пожар во куќата на 78-годишниот тетовец С.З. на улица „Гоце Делчев“ во Тетово.

-Опожарен е покривот и горниот кат на куќата, а во пожарот настрадале неговата 39-годишна снаа Ф.З. со четирите малолетни деца, три машки и едно женско, на возраст од 6, 9, 12 и 14 години, информираат од МВР.

Екипа на Итна медицинска помош констатирала смрт кај петте лица и телата се предадени на Судска медицина за обдукција. Пожарот е изгаснат, а јавен обвинител и екипа од Секторот за внатрешни работи Тетово вршат увид.

Сопругот и татко бил на работа

Претходно медиумите објавија дека пет лица, мајка и четири малолетни деца, најверојатно се жртви на големиот пожар што утрово ја зафатил куќата на семејството Зулбеари на ул. „Гоце Делчев“ бр. 185 во Тетово, според изјавите на соседите и членови на семејството.

Според нивните кажувања, жртвите се Фатиме Зулбеари (39), а децата се на возраст од четири до 13 години, три машки и едно женско. Сопругот и татко бил ноќен чувар и не бил во домот кога се случил пожарот.

ФОТО: МИА

13 пожарникари го гаселе пожарот кој зафатил три куќи

Командирот на тетовската Територијална противпожарна единица Ука Алити информираше дека пријавата за пожарот кај нив пристигнала во 4 часот и 15 минути од страна на лице по што на самото место интервенирале четири противпожарни возила и 13 пожарникари.

– Во моментот кога дојдовме три куќи беа зафатени од пламените јазици, од кои на средната покривната конструкција беше целосно изгорена. Бидејќи куќите се една до друга и од постар датум, имаше опасност пожарот да ги зафати и другите куќи, меѓутоа со максимално залагање спречивме проширување на огинот на соседните објекти.

Пожарот е целосно локализиран и ставен под контрола, меѓутоа во средната куќа најверојатно има жртви и тоа ќе биде работа на увидните екипи.

Засега не се знае ниту точната причина од што избувнал пожарот, рече Алити.

Обвинител врши увид во куќата во која избувна пожар, наредена обдукција на телата

Во двокатна куќа на ул.„Гоце Делчев“ во Тетово ноќеска избувнал пожар при што според првичните информации настрадале жена и четири деца, информираат од Јавното обвинителство на Република Македонија

-Надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство – Тетово во моментов е на местото на настанот и во соработка со увидната екипа од Полициската станица – Тетово и Противпожарната служба врши увид. Обвинителот повика тим за форензика од Скопје и екипа на ЕВН кои треба да помогнат во утврдување на околностите и причините за пожарот, се вели во соопштението од ОЈО.

Издадена е наредба за обдукција на пронајдените тела и се преземаат други дејствија неопходни за расветлување на случајот.

Коронавирус