среда, 29. јануари 2020. Вести денес: 104
home Хроника

МВР: Полициската акција во скопскиот регион е при крај – има уапсени

МВР: Полициската акција во скопскиот регион е при крај – има уапсени

Македонската полиција од утрово спроведува голема акција во скопскиот регион која ги опфаќа селата Грчец и Арачиново.

Како што потврдија од МВР за „360 степени“, во акцијата има повеќе приведени, но детали не се соопштуваат. Не се соопштува ниту причината за полицијата акција. Од МВР најавуваат наскоро детали, бидејќи како што велат акцијата е во завршна фаза.

Грчец и Арачиново се поврзуваат со вооружената пресметка што се случи во хотелот „Алексаднар Палас“ минатата недела.

Четири лица што учествуваа во вооружената престрелка заработија кривични пријави. Основното јавно обвинителство соопшти дека ќе ги гони за загрозување на сигурноста на полициски службеници. Тројца од пријавените се лишени од слобода, додека по четвртиот напаѓач се трага.

Постапката е отворена откако СВР-Скопје поднесе пријава за кривично дело – загрозување на сигурноста од чл. 144 ст. 3 од Кривичниот законик.

ОЈО информира дека четворицата пријавени ја загрозиле сигурноста на 11 полициски службеници кои биле на должност и вршеле легитимирање, упатувајќи сериозна закана по нивните животи.

За настан што се случил во хотелот неколку часа по пријавеното кривично дело, Министерството за внатрешни работи сè уште не го утврди идентитетот на сторителите кои со огнено оружје пукале кон сега пријавените лица, се вели во соопштението.

Досега за овој случај официјално е познато дека вооружениот инцидент се случил 35 минути по полноќ на 1 декември, кога врз петмина гости во ресторанот на хотелот, Е. И. (21), Е. И. (25), О. Б. (35), К.И. (41) и Љ.Ќ. (25), пукале три лица, чиј идентитет не е познат во јавноста. На нападот возвратил Љ.Ќ., полициски службеник кој во моментот не бил на должност, кој пукал од службениот пиштол кон нив, по што напаѓачите избегале. Според МВР, никој не е повреден.