петок, 5. јуни 2020. Вести денес: 11
Актуелна тема

Од минута во минута за ситуацијата со коронавирусот во Македонија и светот

home Хроника

Казни од по 2.000 евра за 14 лица од Кочани поради непочитување на полициски час

Казни од по 2.000 евра за 14 лица од Кочани поради непочитување на полициски час

Основното јавно обвинителство Кочани поднесе предлози за изрекување казни од по 2 000 евра за 15 лица за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, од кои на 14 за непочитување на полициски час и еден за прекршување на задолжителна самоизолација по враќање од странство.

– Еден од нив, допатувал на 18 март во Република Северна Македонија од земја со среден ризик за зараза согласно Листата на Светската здравствена организација. При влез во земјата потпишал изјави за самоизолација и бил запознаен со мерката за задолжителна самоизолација согласно Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирус – COVID-19. Но истата не ја почитувал на 19 март кога бил забележан од полициските службеници, се наведува во соопштението од ОЈО.

За стореното кривично дело, Обвинителството побарало од судот на обвинетиот да му биде изречена парична казна во висина од по 100 дневни глоби, секоја во висина од по 20 евра во денарска противвредност.

– Другите 14 лица за кои се поднесени предлози за издавање казнен налог, не ја почитувале Одлуката на Владата на Република Северна Македонија за забрана и посебен режим на движење со која се забранува движење на населението од 21 до 5 часот наредниот ден. Тие во одделни настани биле затекнати како одат пеш или патуваат со патнички моторни возила, со што го сториле кривичното дело кое им се става на товар, стои во соопштението од ОЈО.

За секој од обвинетите Обвинителството предложи на судот да изрече парична казна во висина од 100 дневни глоби, при што вредноста на една дневна глоба да биде определена на 20 евра во денарска противвредност.​​

Сите 15 лица се товарат дека сториле кривичното дело – „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Коронавирус