вторник, 15. октомври 2019. Вести денес: 0
home Хроника

Драмски театар доби нов директор

Драмски театар доби нов директор

Викторија Рангелова е нова директорка на Драмски театар, откако досегашниот директор Сашо Тасевски се збогува со директорската позиција, дознава „Фокус“.

Тасевски, претходно преку својот фејсбук профил и се обрати на јавноста, образложувајќи што се направил за време на неговото директорување со оваа културна институција.

„Заминувам од кормилото на Драмски со убави спомени и крената глава. Го презедов кога беше во лоша кондиција, со празна сала и лоши претстави на репертоарот. По моето доаѓање, во наредните осум месеци, продажбата на билети скокна за речиси 100 проценти. И за тоа има документ. Се направија претстави кои полнеа сали и се зборуваше за нив во суперлативи. Нешто што претходно му се немаше случено на театарот со години. Имав голема помош од вработените, им подадов рака на сите и ми вратија со посветеност во работата и врвна професионалност. Им пристапив без суета на сите, дури и на оние актери со кои не сме се мирисале лично или поради светогледите. Кога правиш победнички тим, нема место за суета. Ја сфатија пораката. И тие сакаа подобар Драмски театар. Убави зборови имам и за луѓето во СДСМ кои ми дадоа доверба да го водам Драмски театар, иако не бев нивни сопартиец. Луѓе по функции поголеми или помали, ама по човештина – џинови. Ми излегуваа во пресрет секогаш кога барав помош за театарот. Нема да ги именувам посебно. Знаат кои се. И тие знаат дека не ги разочарав. Како и да е, ми беше чест што бев директор изминативе тринаесет месеци и привилегија да имам такви соработници и таква публика“ – пишува Тасевски.