среда, 22. јуни 2022. Вести денес: 167
АКТУЕЛНО

Падна владата во Бугарија, Кирил Петков повеќе не е премиер

home Македонија

Хезболах го загуби мнозинството во либанскиот Парламент

Хезболах го загуби мнозинството во либанскиот Парламент

Политичката група Хезболах, поддржана од Иран, го загуби парламентарното коалициско мнозинство на изборите во Либан, што им донесе значителни придобивки на нејзините ривали, како и на протестното движење создадено по бунтот во 2019 година, покажаа конечните резултати објавени денеска.

За разлика од изборите во 2018 година, на кои освоија само едно место во парламентот, реформските политички сили на овие избори освоија околу десет проценти од пратеничките места на бранот на растечко незадоволство од владејачката елита, која во голема мера е виновна за економскиот колапс на земјата, коментира Си-Ен-Ен.

И главните христијански ривали на Хезболах, либанските политички сили поддржани од Саудиска Арабија, добија повеќе гласови отколку на претходните избори.

Од друга страна, неколку од истакнатите сојузници на Хезболах, долгогодишни поддржувачи на сирискиот претседател Башар ал-Асад, исто така загубија места во парламентот.

Критичарите на Хезболах, кој имаше коалициско мнозинство во парламентот во последните четири години, ја обвинија групата и нејзините политички сојузници за економскиот колапс на земјата, а Хезболах постојано ја негираше одговорноста и обвинувањата за корупција меѓу нејзините политички ривали.

Односите меѓу Либан и Саудиска Арабија значително се влошија за време на мнозинството на Хезболах во парламентот.

Либанскиот претседател Мишел Аун, кој е сојузник на Хезболах, ќе го заврши својот мандат подоцна оваа година, а тоа би можело да ја турне земјата во натамошна политичка неизвесност. Преговорите за формирање на идната влада би можеле да бидат исполнети и со политички турбуленции кои би можеле да ја влошат економската криза.

Обединетите нации и Светската банка ја обвинуваат либанската владејачка елита за економскиот колапс на земјата, кој се смета за еден од најлошите во светот од средината на 19 век.

Од октомври 2019 година, поголемиот дел од населението на Либан падна во сиромаштија, инфлацијата се искачи на над 200 отсто, а депозитите во голема мера беа девалвирани поради катастрофалната банкарска криза.

Коронавирус