вторник, 26. октомври 2021. Вести денес: 154
home Македонија

„Фолксваген“ повлекува 38.000 автомобили заради проблем со педалата на сопирачката

„Фолксваген“ повлекува 38.000 автомобили заради проблем со педалата на сопирачката

Германскиот автомобилски гигант „Фолксваген“ е принуден да повлече од пазарот илјадници свои нови автомобили поради проблеми со педалите на сопирачките, потврди портпаролот на компанијата.

Ќе бидат повлечени околу 38.000 автомобили од моделите „Голф“, „Тигуан“, „Туран“ и „Т-Рок“ произведени оваа година. Од нив помалку од 17.600 возила се наоѓаат на домашниот германски пазар.

Компанијата наведе дека досега не се забележани штети или несреќи поради неисправните педали.

За време на интерните прегледи на возилото инженерите откриле дека плочката за педали на која се потпира ногата на возачот за време на сопирањето, во некои околности може да се искриви, па дури и одвои од подлогата. Проблемот е забележан кај автомобилите на автоматски погон и возилата прилагодени за возење по левата страна на патот.

Во Европа на левата страна од коловозот се вози во Велика Британија, Ирска и во Кипар и Малта.

Повлечените возила треба да се проверат и поправат доколку тоа е потребно. Германската федерална управа за автомобили го надгледува процесот на повлекување и објасни дека акцијата е иницирана поради „неисправен спој при заварување“. (МИА)

Локални избори 2021