сабота, 24. октомври 2020. Вести денес: 84
home Економија

Жените се уште значително помалку платени од мажите за иста работа

Жените се уште значително помалку платени од мажите за иста работа

Надлежните институции во соработка со приватниот сектор и синдикатите да развијат ефикасен механизам кој ќе придонесе за изедначување на платите на мажите и жените кои во овој момент за иста вредност во работата се за 23% пониски. Ова беше истакнато денес од Сојузот на стопански комори, Здружението на бизнис жени и Сојузот на синдикати на Македонија, по повод одбележувањето на првиот Меѓународен ден за родова еднаквост на платите – 18 септември.

Родовата еднаквост е основно човеково право и е камен-темелник на просперитетна и модерна економија што генерира одржлив инклузивен раст. Родовата еднаквост е од суштинско значење за да се обезбеди еднаков придонес за мажите и жените во домот, на работното место, во општествениот живот и економијата.

-Глобално жените заработуваат 23% помалку од мажите, а јазот на национално ниво е 19%. Ова е причината зошто создадовме национална коалиција со повеќе засегнати страни за да постигнеме еднаква родова плата за работа со еднаква вредност. Со формирање на коалицијата го одбележуваме Меѓународниот ден на родовата еднаквост во плати. И покрај децениските придобивки во образованието на жените и учеството во вработувањето, законодавството, политичкото дејствување и активизмот, жените ширум светот и понатаму земаат пониски плати од мажите за вршење на исти или слични работни задачи. Според анализата на УСАИД објавена во јули минатата година проценетиот сооднос на приходите на жените во однос на мажите во нашата земја е 0,49 проценти што претставува најголем јаз во регионот, изјави Габриела Кулебанова, потпретседател на Сојузот на стопански комори.

Валентина Дисоска, претседател на Здружението на бизнис жени вели дека во државата постои широка правна рамка со која се регулираат прашањата за еднаквите можности, недискриминацијата и учеството на жените на пазарот на трудот.

-Постојат одредби во повеќе закони со кои се забранува дискриминацијата и се промовира еднаквоста на жените и мажите. Постои посебен Закон со кој се регулираат еднаквите можности на жените и мажите, како и Закон за заштита и спречување од дискриминација. Меѓутоа и покрај постоењето на солидна законска регулатива и стратешки документи, евидентна е повеќекратната дискриминација на жените и нивна неможност во претприемништвото и корпоративниот свет да напредуваат подеднакво и покрај квалитетот и соодветните квалификации. За изедначувањето на платите и за пробивање на стаклениот плафон, неопходна е поголема посветеност на сите релевантни субјекти, родово водени статистики, подигнување на свеста за проблемот и за обезбедување еднакви можности за поддршка и финансирање на жените во приватниот сектор, вели Дисоска.

Меѓународниот ден за родова еднаквост годинава се одбележува за прв пат, во услови кога светот се бори со пандемијата, која уште повеќе ја зголемува нееднаквоста. Жените сочинуваат две третини од здравствената работна сила ширум светот, вклучително и 85 отсто од медицинските сестри и 90 отсто од здравствените работници кои се вклучени во долготрајната нега на болните. Жените се соочија и со товарот од дополнителната неплатена работа предизвикана од затворање на училишни и установи за згрижување деца. Жените исто така во поголем број останаа без своите работни места, бидејќи работат во секторите кои се најпогодени од кризата.

Катерина Поповска од Сојузот на синдикати на Македонија вели дека колективното договарање помеѓу синдикатите и организациите на работодавачи како членови на Економско социјалниот совет има потенцијал значително да ги намали родовите разлики во платите, преку четири инструменти што оваа коалиција на организации силно ќе ја поддржи и промовира.

-Првиот инструмент е таргетирани покачувања на плати со цел компензација на концентрацијата на жени во ниско платените индустрии. Потоа важно е да се воспостави специфичен план на класификација на родово неутрални професии за да се корегира потценувањето на професиите во кои доминираат жените. Трет инструмент е воведување на мерки за промовирање на транспарентност на платите, за постигнување напредок во заложбите против дискриминација на платите. И четврто, поставување на родово неутрални критериуми за оценување за напредок во кариерата, изјави Поповска.

Одбележувањето на Меѓународниот ден за родова еднаквост во платите е поддржано од Обединетите нации, ОЕЦД и Меѓународната организација на трудот.

Коронавирус