четврток, 26. ноември 2020. Вести денес: 61
home Економија

Задолжувањето алармантно расте, инвестиции нема: Каде завршуваат парите на граѓаните?

Задолжувањето алармантно расте, инвестиции нема: Каде завршуваат парите на граѓаните?

Владата на Република Македонија ги втурнува граѓаните во се поголеми долгови.

За само три месеци, државниот долг е зголемен за 30 милиони евра, а јавниот за 50 милиони евра.

Оваа загрижувачка статистика покажува дека задолжувањето расте алармантно и дека државата тоне во долгови, кои ќе бидат исплатени од џебот на граѓаните.

Податоците говорат дека државниот долг месечно се зголемувал за 10 милиони евра или во просек, владата на Заев нè задолжувала дневно по 300.000 евра.

Сепак, задолжувањето не би било проблем доколку парите би се влевале во капитални инвестиции. Но, такви инвестиции во земјава НЕМА.

Најкатастрофално полугодие во изминативе 10 години!

Рекордно ниска реализација на капиталните инвестиции годинава, иако владата предводена од СДСМ сама си го проектираше Буџетот.

Бројките што ги објави Министерството за финансии покажуваат дека во првата половина годинава реализирани се само 16,65 проценти, односно од јануари до јуни од предвидените 400 милиони евра за годинава за капитални проекти потрошени се само 65 милиони евра. Во јуни месец, кога Владата очекуваше да се зголеми реализацијата, потрошени се само 11 милиони евра, што е помалку од претходните четири месеци.

Што велат бројките за последните десет години? Имено во период на светска економска криза или во 2008 година имало околу 98 милиони евра капитални инвестиции,  следната уште повеќе или околу 102 милиони евра.  Во 2011 година истите достигнуваат околу 150 милиони евра. Во периодот 2012 заклучно со 2015 година  се  движат од 120 милиони евра до 140 милиони евра. Во 2016 година која е година на криза во државава имало околу 100 милиони евра, а во 2017 околу 140 милиони евра капитални инвестиции.

Владата на Заев се расфрла со непродуктивни трошоци, а граѓаните мора да знаат каде завршуваат нивните пари.

Власта одлучи да потроши околу 1,7 милиони евра пари на граѓаните за да си купи нови возила, од најлуксузната линија на  Фолксваген, Пасат.

Иако Зоран Заев ветуваше дека ќе ги укине непродуктивните трошоци и набавки, за да има повеќе пари за граѓаните, на електронскиот систем за јавни набавки беше објавен тендер од страна на АД МЕПСО во државна сопственост за набавка на мебел, кујни, гарнитури, столчиња, гардеробери, полици во кој главниот критериум е најниската цена.

Во техничката спецификација пишува дека ергономските, огноотпорни и тапацирани со телешка кожа столчиња се за генералниот директор, за шефот на оддел и за секретарката на директорот на сектор. Освен тоа, овие столчиња треба да имаат висок потпирач за грб и со антишок функција.

Најавија голем раст на БДП, а Македонија тоне во долгови!

Јавниот долг на земјава ќе расте во наредните две години. Ако сега тој тежи 4,7 милијарди евра или е на ниво од 45,8 отсто од бруто-домашниот производ, идната година ќе достигне 52,4 отсто, а во 2019 година ќе се искачи до 55,9 проценти. Ова го предвидува најновата Фискална стратегија за периодот од 2018 до 2020 година што Министерството за финансии ја објави на својата веб страница. Јавниот долг, според стратегијата на Владата, ќе почне да се намалува дури во 2020, кога треба да дојде до 53,5 отсто од БДП.

Експертите стравуваат дека Владата ќе ја премине критичната граница!

Во изјава за 24 вести, Никола Поповски во месец мај изјави дека доколку владата продолжи со досегашното темпо на задолжување големи се ризиците јавниот долг да се зголеми на 56 % што е критично за економија како што е македонската.

Имено, Поповски смета дека треба да се направи ревизија и да се намали динамиката и темпото на задолжување посебно заради тоа што има ризици односно еден од нив е дека економскиот раст за 2000-2021 е некаде околу 4-5 % годишно. Тој смета доколку не се оствари тој раст на БДП а паралелно се оствари дефицитот и задолжувањата кои се предвидени јавниот долг би достигнал 56% од БДП што е екстремно критично ниво.

Исто така според него загрижувачки е и високиот лимит на задолжување што Македонија за прв пат го дефинира во процент.

-Подигањето на максималното ниво на 60% што е на границата на еврозоната, за Македонија е направено како наш таргет. Ние сме средно развиена земја , а државите во еврозоната се сите високо развиени со мали исклучоци и не знам дали е можно тоа темпо ние да гоп издржиме, да го стигнеме до 60%, вели Поповски.

Мицкоски: Јавниот долг за прв пат ја урна психолошката граница!

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на конференцијата организирана од институтот „Ифимес“ во Љубљана уште во месец мај истакна дека на економски план Македонија во последната година забележува доста негативни резултати.

-Не е остварен очекуваниот економски раст, нема план за инвестиции во нови капитални инфраструктурни проекти, ниту пак нови странски инвестиции, нема отворања на нови работни места, платите не се зголемуваат, незадоволни се сите категории на граѓани. Истовремено, за 3 месеци Владата ги задолжи граѓаните на Македонија за нови 300 милиони евра, јавниот долг за прв пат ја урна психолошката граница од 5 милјарди евра, а државниот  долг е веќе над 4 милијарди евра, рече Мицкоски.

Потсети дека за време на најголемата финансиска и еконмска криза, ВМРО-ДПМНЕ успешно привлече над 2 и пол милијарди странски инвестции, отвори над 170.000 нови работни места и ја намали невработеност од рекодно високите 38 отсто во 2006. на 22 проценти во 2017. година.

-Искрено се плашам доколку Владата на СДСМ продолжи со тој негативен тренд многу лесно можеме да ги изгубиме тешко стекнатите конкурентни предности, кои уште ги имаме во однос на другите држави во регионот. Таквите негативни економско финансиски перформанси не само што не ни одат во прилог, туку истовремено можат сериозно да не оддалечат од очите на потенцијалните странските инвеститори, од континуираните реформски процеси и од остварувањето на посакуваните евро-атлантски цели, појаснува Мицкоски.

 

 

Коронавирус