петок, 14. август 2020. Вести денес: 121
home Економија

Во текот на денот ќе се обезбедат дозволи за возачите на камиони, ќе се дефинираат и протоколите за непречен транспорт

Во текот на денот ќе се обезбедат дозволи за возачите на камиони, ќе се дефинираат и протоколите за непречен транспорт

По покренатото барање од Стопанската комора на Македонија, Владата во текот на денов ќе овозможи товарните возила непречено да ги поминат граничните премини, а потребните дозволи да им бидат издадени на возачите при повторниот влез во земјава. Прифатена е иницијативата на Комората за дефинирање посебни протоколи за овозможување непречено вршење на дејноста на компаниите од специфични сектори. И тие ќе бидат објавени во текот на денешниот ден.

Ова го соопшти вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска на денешната средба со претседателите на здруженијата при Комората.

На состанокот, како што соопшти Комората, компаниите нагласиле дека е неопходно олеснувањето на влез и излез на стоки и репроматеријали за редовно производство на индустриските капацитети. Апелира побрзо да се воспостават коридори и ефикасни протоколи за непречено одвивање на транспортот во целиот регион. Истовремено повикаа во максимален капацитет да се стави железничкиот сообраќај како алтернатива.

Потенцирано беше и дека авионскиот карго превоз е исто така на располагање и компаниите може максимално да го користат.

За да се обезбеди непречено работење на производните капацитети, на средбата се заклучи преку Стопанската комора на Македонија компаниите да доставуваат предлози за укинување на царините за сите неопходни репроматеријали и суровини, по кои Владата на РСМ соодветно ќе постапува.

-Во овој момент никој не може да предвиди колку ќе трае кризата, како ќе влијае на светската економија и како ќе заврши. Затоа е потребно стопанството и Владата да дејствуваат заеднички и на располагање да се стават сите расположливи ресурси, подвлече претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.

Вицепремиерката Царовска потенцираше дека во моментот е најважно да се следат препораките од Владата и со заеднички сили да се намалат економските импликации врз стопанството. За таа цел продолжува непрекинатата соработка со Стопанската комора на Македонија, со која се комуницира на дневно ниво.

– Потребно е капацитетите на индустријата да продолжат со работа и да се задржат вработените. Повикуваме компаниите да ги користат економските мерки кои ги презентираше Владата, и најавуваме нови мерки во следните денови. Владата стои на располагање на компаниите и добредојдени се сите предлози и иницијативи од компаниите, за заеднички што полесно да се пребродат тековните предизвици, посочи Царовска.

Во однос на посебните протоколи за овозможување непречено вршење на дејноста на компаниите од специфични сектори појасни дека со нив, со оглед на специфичноста на работењето на некои сектори, ќе се дефинираат посебни протоколи за постапување во случај да се појават заболени од редот на вработените во таквите компании, кај кои, поради специфичноста на дејноста што ја вршат не е можно запирање на производните процеси или чие непрекинато работење е од клучна важност за справување со можното ширење на вирусот (фармацевска дејност, металуршки сектор и прехранбена индустрија, компании кои снабдуваат медицински гасови или снабдуваат храна во здравствените институции, како и компании со над 1.000 вработени).

Стопанствениците информираа дека имаат залихи од потребните суровини и репроматеријали и имаат капацитети да одговорат на зголемената побарувачка на домашниот пазар. мч/ац/

2020-03-20 15:50:14, од Мирјана Чакарова

Коронавирус