вторник, 22. октомври 2019. Вести денес: 0
home Економија

Во првото тримесечје преку Мој ДДВ скенирани над 20 милиони фискални сметки

Во првото тримесечје преку Мој ДДВ скенирани над 20 милиони фискални сметки

Вчера заврши првото тримесечје од реализацијата на мерката поврат на 15 отсто од пресметаниот ДДВ што се спроведува согласно Законот за враќање на дел од ДДВ на физичките лица. Од воведувањето на мерката досега регистрирани се 170.378 корисници на апликацијата МојДДВ, скенирани се 22.670.713 фискални сметки, остварен е промет од 11.423.978.620 денари, вкупен ДДВ 1.241.434.628 денари, додека повратот на 15 отсто од пресметаниот ДДВ изнесува 186.215.194 денари, односно 3.028.000 евра, информира Управата за јавни приходи (УЈП).

-Ги известуваме граѓаните дека согласно Законот, средствата од повратот остварен во месеците јули, август и септември 2019 година ќе им бидат исплатени на нивните трансакциски сметки до крајот на декември 2019 година. Натаму ќе следува исплата во текот на месец февруари за месеците октомври, ноември и декември, во април за месеците јануари, февруари и март, во август за месеците април, мај и јуни и во ноември за месеците јули, август и септември, соопшти УЈП.

Од УЈП изразуваат задоволство од досегашната реализацијата на МојДДВ и додаваат дека податоците покажуваат оти мерката ги исполнува целите за кои е наменета – ги враќа парите кај граѓаните и ја намалува неформалната економија.

-Со воведувањето на МојДДВ, Управата за јавни приходи се потруди секој граѓанин кој ги исполнува условите да може непречено да го оствари правото на поврат. Покрај апликацијата МојДДВ што е достапна за преземање на паметните телефони преку Google play store и Apple store, обезбедивме и киоск апараи во секоја организациска единица на УЈП, како и бар код читачи преку кои граѓаните кои не се во можност да ја користат апликацијата МојДДВ, може да ги скенираат своите фискални сметки.Три месеци сме во одлична соработка со граѓаните кои редовно пријавуваат нерегуларности поврзани со фискални сметки на линијата 198, а нивните сугестии значително помогнаа во унапредувањето на функционалноста на МојДДВ, посочуваат од УЈП.

На корисниците на МојДДВ сега им е достапна и веб апликацијата МојДДВ https://mojddv.ujp.gov.mk/  преку која граѓаните може да го проверат износот на повратот што ќе им биде исплатен на нивната трансакциска сметка, а имаат и можност за повлекување на фискални сметки што се скенирани погрешно.

-Со цел навремено и точно информирање на граѓаните за законските одредби, начинот на функционирање на апликацијата МојДДВ како и друга поддршка, Управата за јавни приходи креираше база на одговори достапна на веб страна на УЈП http://ujp.gov.mk/uploads/File/Baza%20na%20prasanja%20MOJDDV_24.07.2019.pdf и директна комуникација преку mojddv@ujp.gov.mk и info@ujp.gov.mk каде граѓаните редовно добиваат одговори и информации за МојДДВ, посочуваат од УЈП.

Најавуваат дека во наредниот период Управата  ќе излезе со целосна анализа и податоци за мерката МојДДВ преку која, потенцираат, ќе се видат придобивките и во однос на намалувањето на сивата економија по нејзиното воведување.