понеделник, 22. октомври 2018. Вести денес: 81
home Економија

Владата утре ќе нè задолжи за нови 32 милиони евра

Владата утре ќе нè задолжи за нови 32 милиони евра

Капитални инвестиции нема, а Владата продолжува редовно да се задолжува на домашниот пазар.  Министерството за финансии за утре закажа аукција на хартии од вредност со која планира да повлече нови 1,95 милијарди денари односно околу 32 милиони евра.

Министерството за финансии пред десетина дена одржа аукција на хартии од вредност со која повлече 3,5 милијарди денари односно околу 57 милиони евра.

Владата на почетокот на оваа година се задолжи со еврообврзница од половина милијарда евра за која само по основ на камати треба да се платат 96 милиони евра.

 

И покрај енормните задолжувања, реализацијата на државните инвестиции во Република Македонија целосно потфрли, согласно објавените податоци на Министерството за финансии. Продолжува рекордно ниското ниво на капитални инвестиции и покрај владините најави дека реализацијата ќе се забрза.

Податоците на Министерството за финансии покажуваат дека во перидот од јануари до август годинава се реализирани само 23,31 отсто од планираните капитални инвестиции за целата година. Ова е убедливо најмалку во последната деценија. За годинава беа планирани 392 милиони евра за капитални инвестиции.

Економистите коментираат дека капацитетот на институциите да ги спроведат јавните инвестиции се од пресудно значење за економскиот раст на земјите во развој како што е Македонија. Ниското ниво на јавни инвестиции покрај тоа што не создава можност за квалитетни јавни услуги за граѓаните, како училишта, градинки, медецинска опрема, но исто така се намалува и обемот на работа за домашните компании.

Истовремено расте и јавниот долг. Вкупниот јавен долг на Македонија на крајот на вториот квартал од 2018 година изнесува 48,8% од БДП, што претставува зголемување за 0,6 п.п. во однос на претходниот квартал, покажуваат најновите податоци на Народната банка.

„Промената во најголем дел произлегува од зголемувањето кај надворешниот долг (од 33,0% на 33,4% од БДП), при раст и на внатрешниот долг (од 15,2% на 15,4% од БДП). Вкупниот државен долг и долгот на јавните претпријатија (за кој државата има издадено државна гаранција) во вториот квартал се зголемија за 0,3 п.п. и 0,2 п.п. од БДП, соодветно“, соопштија од НБРМ.

Во меѓувреме и просечната исплатена нето плата забележува намалување во последните три месеци.

Во јули според статистика изнесувала 24.072 денари што е за 131 денар помалку од јуни. Во мај, кога почна трендот на намалување просекот беше највисок и изнесуваше 24.509 денари.

Најголемото намалување на платите е забележано во трговијата (3,8) и во преработувачката индустрија (2,1). Токму тука се исплаќаат и најниските просечни плати. 15.057 е просекот на работниците во кожартвото, а 15.593 во производствто на облека. Убедливо најниските плати во јули од 13.128 денари биле исплатени во заштитините и истражните дејности односно кај лицата кои работат во обезбедување.