сабота, 5. декември 2020. Вести денес: 92
home Економија

„Владата манипулира и врши предизборен поткуп“

„Владата манипулира и врши предизборен поткуп“

Владата манипулира и врши предизборен поткуп

Деновиве на многу владини функционери им се полни устите со фразата „Човечки капитал“, континуирано ја повторуваат и сакаат да ја всадат во сечии уши. Ја поврзуваат оваа фраза со носењето на Буџетот за 2020 година, велат инвестираат во човечкиот капитал.

Да објасниме за сите што е тоа човечки капитал. Тоа е: Економската вредност на збирот од знаењето, вештините и работните навики на едно лице. Човечкиот капитал ја симболизира вредноста на еден работник/ лице во однос на тоа колку тој работник/лице може да придонесе во работата која ја работи и со сработеното во целокупната економија во државата. Поради тоа, колку повисок е индексот на човечки капитал кај македонските граѓани, толку е поголема шансата за повисок и одржлив економски развој и раст.
Но, што е со платите? Која е дефиницијата? Платите се фиксиран надоместок кој се исплаќа на претходно одреден период за услугите и работните задачи кои ги вршел работникот. Во основа, платата е огледало на тоа колку еден работник вреди и колку придонесува со неговата работа во целокупната заработувачка, односно вредноста на неговите услуги.

Што прави моменталната корумпирана власт? Таа воопшто не инвестира во човечкиот капитал, туку безобразно манипулира со зборовите. За тие што се вработени во јавната администрација или во приватниот сектор, потсетете се кога последен пат сте биле на обука за да ги подобрите вашите вештини, кога последен пат сте добиле дополнителна литература или пристап до електронски дата бази за да го подобрите вашето знаење, дали воопшто некогаш вашиот работодавач ве испратил бесплатно да учите други странски јазици, дали имате посетувано компјутерски обуки, дали сте добиле дополнителни обуки за управување со машини, платени курсеви за стекнување со сертификати, обуки за безбедност при работа, дали сте присуствувале на тимски настани за подобра комуникација, дали ви имаат понудено бесплатни фитнес сали, шанса за здрава исхрана итн. Вистината е следна: Владата НЕ промовира и НЕ инвестира во зголемување и подобрување на човечкиот капитал на македонските граѓани.

Владата врши предизборен поткуп. Зголемување на плата пред избори не е инвестирање во човечки капитал, туку злоуотреба на јавни пари за владата да ја прикрие сопствената корупција и неспособност. Во ситуација сме каде се врши енормно задолжување, до степен да секое семејство за првите девет месеци од 2019 година има плус 500 евра долг на нивниот грб, а сето тоа задолжување се прави за да се зголемуваат непродуктивните трошоци, да се покачуваат платите, да се троши на нови владини возила за функционерите и сопружниците, за поголеми репрезентативни трошоци за вечери и шетање, за вработување на партиските кадри на СДСМ и ДУИ и за зголемување на профитите на фирмите блиски до власта. Во исто време, инфраструктурните инвестиции катастрофално потфрлија. Владата е апсолутно неспособна да води вакви проекти и да ја гради државата, остануваат нереализирани големи суми на пари, а сепак Владата продолжува да се задолжува.

Владата ве лаже. Ветуваат зголемување на платите, а во исто време кога го предлагаат Буџетот за 2020 година најавуваат дека ќе ги зголемат придонесите за пензиско и здравствено осигурување. За жалење се пензионерите, прво во 2018 година им ја укинаа формулата за пресметка на пензијата и со тоа им скратија околу 1.500 денари, а сега Зоран Заев излегува и вели ќе ги части пензионерите со 700 денари. Од едно место добивате, од друго дупло ви се одзема. Владата манипулира и топката ја префрла од една во друга рака само за да ги игра очите на целата јавност. Во реалноста сите ние сме манипулирани и изиграни. Од ветените 5% економски раст добивме само низок безначен раст, од ветената борба против корупција добивме корумпирани специјални обвинители, од ветувањето за владеење на правото добивме корумпирано судство, од најавената отчетност кај политичарите добивме тајни бизнис зделки и соработка со сомнителни лица, а од борбата против криминалот сдсм си добија бизнис партнери меѓу криминалците.

Чувството кај сите нас е дека секој ден добиваме три стапа по грб, а потоа едно бомбонче со кое треба да се задоволиме. Веројатно оваа Влада стаповите ќе ги зголеми, а бомбоните ќе ги намали.
Затоа, време е да се исправиме и да се бориме против оваа ненародна власт. Напишаа на Фејсбук од комисијата за финансии на ВМРО-ДПМНЕ.

Коронавирус