понеделник, 8. март 2021. Вести денес: 183
home Економија

Угостителскиот сектор на стаклени нозе со над 30.000 загрозени работни места

Угостителскиот сектор на стаклени нозе со над 30.000 загрозени работни места
МИА

Континуитет во помошта, безусловна субвенција за сите вработени во угостителската индустрија во висина на бруто плати додека се во важност ограничувањата со рестриктивните мерки односно протоколите за работа на угостителски објекти или до официјално завршување на пандемијата КОВИД-19 едно од 15-те барања на угостителите кои вчера ги доставија до Владата за помош.

Освен што ги доставија барањата дадоа и рок до 25-ти јануари Владата да им помогне бидејќи угостителите се на раб на егзистенција.
Од последната мерка која што власта ја донесе да угостителските објекти работат до 18 часот, спрема груби економски проценки на угостителите им донесе директни загуби односно штета во висина од 18 до 22 милиони евра во угостителската индустрија кои доколку Владата не интервенира на време ќе мора угостителите самостојно да бараат начини да ја покријат.

Угостителите во неколку наврати ги запрашаа министерот Венко Филипче и членовите на Комисијата за заразни болести дали сметаат дека само со селективни рестриктивни пораки наменети за угостителската индустрија ќе придонесат во грижата за заштита на јавното здравје и здравјето на граѓаните или можеби треба малку да прошетаат по улиците низ градовите, трговските центри и да видат колку во останатите индустрии се погрижија со соодветни препораки и протоколи реално да допринесат во интересот и заштита на здравјето на граѓаните.

УГОСТИТЕЛИТЕ СО АПЕЛ ДО ВЛАДАТА

Угостителите со апел до Влада дека нивното трпение за работна средба и дискусија за економските мерки им е при крај.

НУК (Независната угостителска комора) очекува дека веќе еднаш Владата ќе смогне сили и ќе ги прифати предлог мерките и ќе се донесат по кратка постапка со цел да се помогне на колабрираната угостителска индустрија.
Дел од мерките кои беа доставени од страна на угостителите до Влада  се: директна неповратна финансиска помош – грант за сите угостители по принципот на доделена ваква помош за ноќните клубови и категоризираните ресторани, безусловна достапност на угостителската дејност до долгорочни и бескаматни државни кредити за одржување на тековна ликвидност и унапредување на угостителството или побрза достапност на најавениот гарантен фонд или гарантна шема со која угостителите ќе можат да добијат државни гаранции врз основ на кои ќе можат во банките да се задолжат со долгорочни поволни комерцијални кредити со грејс периоди за надминување на проблемите со ликвидноста.

Изедначување на ДДВ за угостителски услуги согласно ветувањата на 10% на сите угостителски услуги во сите видови на угостителски објекти. Одлагање и репрограмирање на извршни постапки врз угостителите и угостителската индустрија, односно трансформација на секое извршно решение во решенија за исплата на рати со грејс период или наплата по завршување на пандемијата КОВИД-19.

„Владата задно со Министерството за економија и Министерството за финансии во целост ја носат обврската и одговорноста за опстанокот на угостителската индустрија до завршувањето на пандемијата КОВИД-19. Владата со одлуките од последната седница докажа и покажа ако сака, кога сака има и услови и можности и начини по кратки постапки да креира безусловни посебни економски мерки “, соопшти вчера НУК преку соопштение.

ВЛАДАТА (НЕ)ПОМОГНА НА УГОСТИТЕЛИТЕ

Власта и покрај доставените барања на угостителите, цврсто стои на ставот дека доволно им помогнала, тоа вчера го потенцираше и вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи на својата прес конференција.

„Недоволно сме искрени. Угостителскиот сектор е многу помогнат, само во првиот и вториот пакет на мерки, дури и во бескаматните линии, имаше само мерки за угостителите, наспроти сите други“, изјави вчера вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

На своето излагање Фатмир Битиќи дополни со тоа дека не се согласува со угостителите дека не се поддржани наспроти сите други. Не знае зошто би требало ваков вид на комуникација.

Во неколку наврати апелираше и опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ дека се потребни сеопфатни мерки кои ќе допринесат подобра состојба на угостителите, бидејќи штетните политики и мерки на власта само згасна стотици угостителски објекти низ државата.

„ВМРО-ДПМНЕ даде одредени предлог-мерки за угостителите кои СДСМ и владата не ги прифати. Значи ние предложивме сите угостители и оние кои не се опфатени од корона кризата, а се економски осакатени од пандемијата да бидат ослободени од фирмарина. Исто така, предлог на ВМРО-ДПМНЕ беше и фирмарините да не се наплатуваат присилно од Град Скопје како што е во случајов денеска. Пакетот мерки кој веќе е четврти по ред, дава минорни резултати и економската состојба е катастрофална и најлоша на Балканов. Да не зборам за здравствената ситуација“, истакна Владимир Нелоски претседателот на Градскиот комитет Скопје на ВМРО-ДПМНЕ во едно од свои гостувања во дебатна емисија.

Од партијата велат дека повеќе од 30 илјади работни места во угостителството се загрозени и Владата мора да преземе повеќе мерки за да им помогне на угостителите.
 

Коронавирус