понеделник, 6. април 2020. Вести денес: 173
Актуелна тема

Од минута во минута за ситуацијата со коронавирусот во Македонија и светот

home Економија

Стапи во сила новиот Закон за енергетска ефикасност

Стапи во сила новиот Закон за енергетска ефикасност

Новиот закон за енергетска ефикасност денеска стапи во сила откако минатата недела беше изгласан во Собранието и објавен во „Службен весник“.

Во овој закон, како што информираат од Министерството за економија, во целост се имплементирани прописите за енергетска ефикасност на Европската унија и тој ќе овозможи реализација на потребните инвестиции и мерки во оваа област.

– Енергетските контролори и друштвата лиценцирани за вршење на енергетски контроли конечно ќе можат да отпочнат со работа и со тоа активно да учествуваат во подобрувањето на енергетската ефикасност во нашата држава. Новиот закон, покрај другото, детално ги регулира енергетските контроли кај големите трговци и енергетските контроли на зградите, како засебни области. Конкретно, во иднина енергетските контроли ќе се вршат од обучени и овластени контролори за секоја област посебно – енергетски контроли на големите трговци од една страна и енергетски контроли на згради од друга, појаснуваат од Министерството за економија.

Законот пропишува обврски за реконструкции на зградите во јавниот сектор на среден и долг рок, потоа обврски за следење на потрошувачката и заштедите на енергија од страна на општините и другите лица од јавниот сектор, како и обврски во врска со енергетската ефикасност при пренос, дистрибуција и снабдување со енергија.

Новината е дека секој граѓанин приклучен на системот на топлинска енергија ќе има можност да се исклучи од системот за греење само во случај кога новиот систем на кој планира да се приклучи обезбедува подобри енергетски перформанси. Притоа, граѓанинот ќе треба да обезбеди писмена согласност за исклучување од системот за централно греење од мнозинството од вкупниот број сопственици на зградата.

Законот воведува новини и во однос на улогата на Агенцијата за енергетика во делот на поддршката на развојот на енергетските услуги преку обезбедување на информации, објавување на модел-договори и примери на одредби, како и техничка поддршка на јавниот сектор во врска со енергетските услуги.

Новини има и во однос на барањата за истакнување на информации и етикета со која се означува класата на енергетска ефикасност и еко-дизајнот на производите што користат енергија и кои се нудат на пазарите во државата.

Се предвидува и основање на Фонд за енергетска ефикасност како независно и самостојно правно лице. Средствата од Фондот ќе се користат за финансирање проекти и мерки за енергетска ефикасност, а деталните услови и начинот на работење на Фондот ќе се уредат со посебен закон.

Коронавирус