сабота, 24. октомври 2020. Вести денес: 34
home Економија

Лозарите измамени, родот останува на нивите

Лозарите измамени, родот останува на нивите

Кризна година му се заканува на лозарството во Република Македонија. На неколку дена до крајот на бербата, лозарите од Тиквешијата се во паника, стравуваат дека грозјето ќе им остане на нивата, бидејќи како што велат откупот почнал многу касно, а цената била катастрофална.

Ветувања од страна на премиерот Зоран Заев дека владата ќе покаже вистинска грижа за земјоделците и дека цената на грозјето ќе биде реална, очигледно е дека останаа само уште едно празно ветување. Не само што нема реална цена, сигурен откуп, лозарите се жалат дека грозјето ќе им остане на нивите бидејќи нема кој да им го откупи, а тие што откупуваат им ја потценуваат и маката и трудот и грозјето им го земаат буквално за џабе пари.

Лозарите од Тиквешијата велат дека последиците ќе бидат огромни поради несериозноста на владата, премиерот Зоран Заев и министерот за земјоделство Аријанит Хоџа, но и од лошите временски услови кои ги имаа.
Дека земјоделците се соочуваат со сериозен проблем за цената и пласманот на грозјето, покажува и информацијата која излезе пред неколку дена во медиумите, односно беше објавена белешка на која јасно се гледа дека грозје се откупува по цена од 2 денари. Поради ова револтот на лозарите дополнително се зголеми, бидејќи како што велат оваа е најкатастрофалната година за нив.

-Лошите временски услови ни создадоа многу трошоци, сонце па дожд, моравме да го заштитиме родот и тоа ни создаде дополнителни трошоци и затоа баравме повисока цена за грозјето. Но, што ни направија, ни го откупуваат грозјето за смешни 2 денари. Ние за цело производство имаме трошок од 3 до 4 денари, а со овие денари ни тоа не можеме да го платиме. Владата нема слух за нас. Дојде премиерот Заев пред две недели, кажа што кажа и си замина. Само колку да се каже дека водел грижа, а нас грозјето ни останува на нивите, никој не се интересира како ќе преживееме, лозјето ние единствен приход, ама што знаат тие од владата што е да немаш, што знае министерот Хоџа како е да се работи на нива на плус 40 степени. Срам да им е, маката и трудот не ни ја плаќаат, вели еден револтиран земјоделец, како што рече ќе размисли дали до година ќе произведува грозје.

Премиерот Заев и во 2016 година и на овие избори ветуваше сигурен откуп и пласман на земјоделските производи, но и ова ветување остана неостварено.

Ваше е да произведете, да го создадете родот, државата не подоцна од мај јавно ќе ги објави цените на белото, и цените на црното грозје. Државата е таа која што ќе ја гарантира исплатата и откупот. Власта ќе си има работа со откупувачите. Ако треба ќе загуби ама никогаш повеќе вие нема да губите, ќе загуби владата и нема зијан ако владата им пушти пари на својот народот. Парите луѓето ги трошат пак се враќаат назад во државата. Никогаш повеќе ова понижување што го согледавте оваа година и лани и полани, никогаш повеќе нема да се случи, вака зборуваше во ноември 2016 година Зоран Заев.
Но, и ова е уште една манипулација и лажно ветување од страна на Заев. Наместо живот, ова значи смрт за македонското земјоделство.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираше на ниската цена на грозјето, посочувајќи дека владата на СДСМ и Заев не направиле ништо за лозарите, како и дека цената на килограм грозје од 4 денари е понижувачка.

-Ситуацијата со откупот на грозјето е алармантна. Сезоната на откуп на грозје веќе е во завршна фаза, а повеќе од половина од грозјето се уште не е откупено. Откуп нема, а на неколку места на кои што се откупува откупната цена е по мизерни 2 – 4 денари. Дали ова е решението кое Заев им го понуди на лозарите пред две недели?! Ова е кантарната белешка од која се гледа дема сега грозјето се откупува и по 4 денари за килограм! Тоа се пари со кои што не може да се платат ниту работници, а не нешто да се заработи. Ова е класично потценување на трудот и маката на лозарите.СДСМ уште во 2016 година ветуваше дека ќе го реши откупот, а денес после 4 години власт не само што не е решено, туку е многу полошо, вели Цветан Трипуновски поранешниот допонителен министер за земјоделство во техничката влада.

Се чини, дека владата нема ниту слух, ниту пак решение за проблемите на лозарите од Тиквешијата, а родот ќе им остане на нивите неоткупен.

Коронавирус