среда, 18. септември 2019. Вести денес: 74
home Економија

КСС предупредува на дискриминација и неуставност

КСС предупредува на дискриминација и неуставност

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, најголемата синдикална федерација во јавниот сектор, изразува незадоволство и жестоко реагира на владиниот Предлог-Закон за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата.

Своето незадоволство и реакција КСС го темели врз непобитни факти, а тоа се дека подолг временски период нашата организација, заедно со гранските синдикати во неа, организираа низа јавни настани, како што се: прес-конференции, јавно обраќање до Владата и Економско-социјалниот совет, обраќање до ресорните министерства и министри, низ повеќе јавни протести како и последниот настан, а тоа е предупредувачкиот штрајк на просветните работници во организација на СОНК, каде баравме усогласување на платите во јавниот сектор согласно покачувањето на минималната плата, а тоа е 25%.

Ние не го измисливме процентот за кој бараме покачување на платите, напротив тоа е законска должност на работодавачот, во овој случај нашата Влада која упорно ги крши одредбите од Законот за минимална плата кој вели дека треба во рок од шест месеци да се усогласат платите.

КСС не може да го прифати фактот дека буџетските средства кои се строго наменски за функционирање на државните институции и финансирање на капитални државни проекти ќе се користат за да се стимулира приватниот сектор. Особено за нас е неприфатливо и несфатливо, со ребалансот на Буџетот, огромна сума на средства од Министерството за образование и наука да се префрлат во други ресори, а само пред неколку денови просветните работници штрајкуваа за зголемување на платите.

Апсурдна е ситуацијата каде пари во МОН има очигледно и вишок, но за зголемување на платите пари нема. Вработените во јавниот сектор се чувствуваат измамени и дискриминирани. Со средства од наши џебови се финансира приватен сектор исклучувајќи ја можноста законот да важи за сите, односно и за работниците во јавниот сектор. Се става под знак прашање и уставноста на овој закон. Чиста дискриминација!

КСС со оваа реакција бара од сите институции пред се најодговорните, Владата и пратениците во Собранието, да не дозволат да се спроведе овој, според нас, неуставен и пред се дискриминирачки закон и бара соодветно третирање на вработените во јавниот сектор и усогласување на платите согласно процентот за кој е покачена минималната плата. Впрочем, тоа е законска обврска, нели?!

Во спротивно предупредуваме дека набрзо ќе излеземе со соодветен одговор, спроведувајќи радикален работнички отпор, затоа што трпението на вработените во јавниот сектор е при крај. – се вели во соопштението до медиумите од страна на КСС.