сабота, 21. септември 2019. Вести денес: 91
home Економија

Комисија за финансии на ВМРО-ДПМНЕ: Ова е катастрофалниот ребаланс на буџетот кој го изготвија Заев и Анѓушев, а треба да го презентира Нина Ангеловска

Комисија за финансии на ВМРО-ДПМНЕ: Ова е катастрофалниот ребаланс на буџетот кој го изготвија Заев и Анѓушев, а треба да го презентира Нина Ангеловска

Комисијата за финансии на ВМРО-ДПМНЕ преку свој Фејсбук статус обилно напишаа што се ни носи ребалансот на буџетот за 2019 година.

-ШТО НОСИ #РЕБАЛАНСОТ НА #БУЏЕТОТ ЗА 2019 ГОДИНА?
Пред да дадеме осврт на деталите од овој битен документ за чие креирање се работи со месеци да напоменеме дека новата министерка за финансии, #НинаАнгеловска, стапи на функција само неколку дена пред неговото носење, со што може да се каже дека ова е Ребаланс изготвен од „економскиот“ тандем #Заев и #Анѓушев кој треба да го презентира Нина Ангеловска.
Оптимистичко ревидирање на стапката на раст на 3,5% од првичните 3,2%. Ваквиот нереален оптимизам на Владата се темели на гол популизам дека во Македонија има „економска“ година. Во услови кога земјите од регионот растат со повисоки стапки разочарувачко е задоволството на Владата да се надева дека најдобро што може да постигне е 3,5%. Да се потсетиме дека ветувањата на СДСМ беа просечен раст од 5% во текот мандатот. Она што особено загрижува и укажува дека ваквите предвидувања на Владата се неиздржани е фактот што растот во првиот квартал од 2019 година, 4,1%, е врз база на ниската споредбена основа, односно првиот квартал од 2018 година. Доколку се погледнат одредени економски показатели ќе се забележи дека продуктивноста во македонската економија е во пад што е особено загрижувачки. Друг ограничувачки фактор кој ни дава за право да се сомневаме во остварливоста на предвидениот раст е успорувањето на германската економија, особено автомобилската индустрија, воведувањето на привремени заштитни мерки за увоз на одредени производи од челик за земјите надвор од Европската унија, трговската војна на САД со останатите земји, неизвесноста околу Брегзит и други фактори кои не зависат од Македонија. Како фактори кои негативно влијаат врз растот на македонската економија, а зависат од Владата се историски најголемот пад на странски инвестиции за првата половина од 2019 година, односно пад од 84% (помалку од 50 милиони евра за 6 месеци), катастрофалната реализација на капиталните расходи од само 28,2% за осум месеци, институционалната недоверба поради коруптивните скандали и неизвесна даночна политика поради промената во соодветните ресори.
Во делот на извршување на Буџетот со оглед дека Владата има преоптимистички предвидувања за економскиот раст оттука и минималната надолна корекција и на приходната и на расходната страна. Но каква е состојбата за две третини од годината, односно 8 месеци. Реализацијата на вкупните приходи е 61,8% иако очекуваната реализација за овој период од годината треба да е 66,7%. Ваквата разлика во извршување на Буџетот во апсолутен износ веќе надминува 10 милијарди денари односно 166 милиони евра што до крајот на годината може да доведе до промашување од 250 милиони евра или 15 милијарди денари. Загрижувачка е слабата реализација на даночните приходи, особено данокот на добивка кој е показател за работењето на приватниот сектор. За седум месеци реализацијата е 48% наспроти очекуваните 58%.
На расходната страна се забележува неефикасноста на институциите, па така тековните расходи за плати и надоместоци, субвенции и трансфери и социјали трансфери се зголемуваат за 69 милиони евра, на сметка на капиталните расходи кои се намалени за 53 милиони евра. Ова е признание дека власта нема капацитет да ги води инситуциите и да ги инвестира средствата во капитални проекти, градинки, болници, студентски домови, гасификација, водоснабдување и друго, туку парите ги распределува во популистички мерки кои имаат за цел поткуп на одреден дел од гласачкото тело во предизборен период и делење на пари на луѓе блиски до власта.
Како мерка за кои се предвидени средства со Ребалансот е наведено субвенционирањето на придонесите од задолжително социјално осигурување. Мерката има за цел да овозможи статистичко покачување на нето платата и е крајно непазарна и контроверзна, а бизнис заедницата ќе ја отфрли. Неколку аспекти кои треба да се напоменат за оваа мерки:
– Ваква пракса нема никаде во светот. Оваа мерка нема економска туку политичка цел со што се создава притисок врз приватниот сектор за зголемување на платите во услови кога продуктивноста на македонската економија опаѓа. Ваквата мерка е популистичка и единствена цел е „купување“ гласови пред претстојните предвремени парламентарни избори.
– Администрирањето на оваа мерка е комплицирано. Согласно нацрт верзијата на ЕНЕР, пресметката ја прави УЈП, исплатата кон задолжителните фондови за пензиско и здравствено осигурнување го врши Министерството за труд и социјална политика, а контролата Министерството за финансии
– Мерката важи и за оние за кои Владата одлучи да ги оданочува по повисока прогресивна стапка, односно лицата кои имаат повисоки месечни приходи со што покажуваат контрадикторност во политиките
– Оваа мерка ќе ја чини државата 120 милиони евра (за периодот на спроведување), средства кои можат да бидат искористени за капитални расходи, зголемување на продуктивноста на македонската економија и поддршка на извозните капацитети.
– Мерката ја покажува неможноста на институциите да се справат со сивата економија. Имено, Заев, Анѓушев и Нина јавно признаваат дека целта е фирмите кои исплаќаат пари на рака да ги исплатат на трансакциска сметка без да платат придонеси. Ваквата поставеност покажува дека единствен интерес на Владата е статистичко зголемување на платата, а реалниот износ што го земаат вработените ќе остане ист. На иста линија е и мерката Мој ДДВ која е воведена пред се за граѓаните да ја вршат работата на институциите во контролата на тоа дали некој издава фискални сметки или не.
– Мерката ќе ја платат сите граѓани и стопански субјекти во Република Македонија кои се одговорни и работат согласно законите, односно не прикриваат даноци. Имено ова не е прв пат, Владата на товар на оние кои редовно ги подмируваат своите обврски кон државата, да издвојува средства за нелогични мерки кои ги дестимулираат даночните обврзници да плаќаат. Како пример е покривањето на наталожени долгови на општините во износ од 50 милиони евра, со што одредени општини добија неколку милиони евра и со тоа ги доведоа во нерамномерна позиција граѓаните од општините кои добија неколку илјади евра.
Во однос на севкупните т.н. „економски“ политики на Владата може да се забележи дека отсуствува прифаќање од оние за кои е наменета. Па така, мерката за субвенционирање на минималната плата доживува своевидно фијаско и оваа година. Со Ребалансот на Буџетот средствата од 4,2 милиони евра се намалуваат на 377 илјади евра. Ваквото намалување на предвидените средства е потврда дека мерката не е препознаена од приватниот сектор, односно работодавачите за кого беше наменета.
Како економска мерка која беше најавена и во моментов се реализира е повратот на ДДВ односно МојДДВ. Од досегашната примена може да се заклучи дека има целосно потфрлање. Имено мерката ја користат околу 150.000 граѓани (една десеттина од возрасните граѓани во Република Македонија), а средствата кои ќе бидат вратени се далеку пониски од очекувањата на Владата. Владата предвидуваше враќање на околу 50 милиони евра, а со Ребалансот износот е една десеттина од очекуваниот.
Останати аспекти од Ребалансот во кои Владата прави кратења се и локалната и регионална конкурентност во областа на туризмот 142 милиони денари, финансиска поддршка на инвестиции 200 милиони денари, технолошки индустриски развојни зони 100 милиони денари и инвестиции во железничка инфраструктура кои се намалуваат за 1,7 милијарди денари односно 27,6 милиони евра. Покрај овие значајни капитални и инфраструктурни проекти кои имаат за цел да овозможат услови за раст на македонската економија, Владата прави и други кратења кои предизвикуваат загриженост. Имено со Ребалансот веќе трета година по ред Владата крати средства од Министерството за образование и наука. Оваа година средствата за инвестиции во образованието се скратени за 218 милиони денари. Овие средства се скратени од изградба на основни и средни училишта, реконструкција на средни училишта, реконструкција на ученички домови и најголемото кратење изградба и реконструкција на студентски домови.
Кратењето на сметка на образовната инфраструктура за предизборни мерки е само признание дека популизмот и немањето одржлив економски концепт се темелите на оваа Влада, стои во нивниот пост на Фејсбук.