понеделник, 21. октомври 2019. Вести денес: 17
home Економија

Кој ги краде парите на граѓаните?

Кој ги краде парите на граѓаните?

Во јавноста излезе информација за рекордно ниската реализација на капитални инвестиции за првите три месеци од оваа година од само едвај 6 %. Имено, според експертите ваквата реализација на капитални инвестиции е катастрофална посебно ако се земе фактот дека Владата лани го изгласа контроверзно највисокиот буџет во историјата на Република Македонија. Прашањето кое си го поставува експертската јавност и граѓаните е каде се трошат парите од огромниот буџет кога стратешките проекти и капиталите инвестиции доживуваат ваков вид на фијаско.

Така буџетот изгласан лани изнесуваше огромни 3, 7 милијарди евра со што дефакто е историски највисок буџет до сега. Иако власта ветуваше градежен и инвестициски бум тоа не се случи. Власта на големо ја критикуваше претходната владејачка гарнитура за економските политики но ако се направи споредба очигледно е дека економскиот тим на оваа Влада потфрли огромно во делот на економијата.

Според податоците реализираните капитални инвестиции заклучно со Март 2019та се 1,614 милиони денари или 6.21% од планираните за цела 2019година. Полоши се за 11% од минатата 2018та историски најлоша година во реализација на капиталните (јавни) инвестиции.За периодот Јануари, Февруари и Март во 2018та биле реализирани 1,794 милиони денари или 7.46% а во 2017та беа реализирани 5,055 милиони денари или 18.75%. Исто така во изборната програма во 2016 СДСМ ветуваше минимум 600 милиони евра инвестиции во патната инфраструктура, односно по 300 милиони секоја година во период од 10 години но тоа очигледно со ваква очајна динамика нема да се постигне.

Јавното Претпријатие за Државни Патишта е главниот реализатор на инвестиции во патна инфрастурктура. За периодот 2017 и 2018 планирале 600 милиони евра инвестиции, но сериозно потфрлиле и инвестирале вкупно 265 милиони евра за овие две години.

Патната инфраструктура е од витално значење за развој на македонската економија. Патиштата се крвоток за економијата. Со вакво темпо на реализација на инвестиции не се постигнуваат 3 милијарди евра за 10 години и сигурно не се постигнува потребниот економски раст од минимум 4.5% коментираат експертите.

Исто така и градежништвото е во очајна состојба кое пак е тесно поврзано со растот на БДП што очигледно нема да го достигне проектираниот процент од 5 % за сите 4 години од мандатот кое го ветуваше Владата пред да дојде на власт.

Инаку, Владата ветуваше исто така дека оваа година ќе биде економска година која ќе придонесе за повисок БДП и за зајакнување на стандардот на живеење на граѓаните но според тоа како стојат состојбите во економијата тоа нема да се случи, коментираат експертите.