сабота, 16. февруари 2019. Вести денес: 69
home Економија

Катастрофални резултати: Во 2018 година капиталните инвестиции се најмали во последните десет години

Катастрофални резултати: Во 2018 година капиталните инвестиции се најмали во последните десет години

Владата успеа да потроши само 65 проценти од планираните пари за капитални инвестиции во 2018 година. Конечните податоци се објавени денеска и според нив, за најсуштинските трошења од ланскиот буџет биле потрошени 197 милиони евра, најмалку во последните десет години.

Инаку Владата за 2018 година прво предвиде за капитални расходи 391 милион евра, а потоа со ребалансот оваа сума ја намали на 301 милион евра.

Сепак од овие пари реализирани како капитални трошења се само 65 проценти или околу 197 милиони евра.

Доколку не беше направен ребаланс на буџетот нивото на реализирани капитални инвестиции ќе изнесуваше 50 проценти.

Ако се анализираат бројките за десетте години наназад излегува дека 2018 година е најлоша по овој показател.

Имено во 2017 година за капитални инвестиции се потрошени 323 милиони евра, а во 2016 година сумата е 276 милиони евра. Во 2015 година за капитални трошоци биле потрошени 303 милиони евра.

Сумата во 2014 година изнесува 286,5 милиони евра, во 2013 година е 270 милиони евра, додека во 2012 година капиталните трошоци се 305 милиони евра.

Претходната или во 2011 година капиталните инвестиции изнесуваат 288 милиони евра, во 2010 година се 249 милиони евра, а во 2009 година 218 милини евра. Во 2008 година за оваа намена биле потрошени 326 милиони евра.