недела, 21. октомври 2018. Вести денес: 43
home Економија

Катастрофа на економски план: Економијата на нула во првиот квартал

Катастрофа на економски план: Економијата на нула во првиот квартал

На официјалната страна на Државниот завод за статистика излегоа информациите за растот на БДП во првиот квартал. Имено, според проценетите податоци на Државниот завод за статистика, стапката на раст на бруто-домашниот производ (БДП) за првото тримесечје од 2018 година е 0.1 %.

Ова се катастрофални резултати, исто како и лани во првото тримесечје од годината каде растот на БДП беше 0 %.    Економистите велат  дека ова се должи на слабата економска активност и намалувањето на градежништвото и сите други гранки во македонската економија.

Понатаму, и реализацијата на капиталите инвестиции во првото четиримесечје беше под 11% што исто придонесе за слаб резултат во првиот квартал што се однесува до БДП.

Експертската јавност предупредуваше дека вака слабото работење на новата влада ќе се одрази на економијата и на стандардот на граѓаните. Колку за споредба БДП во првите квартали бил значително повисок од 2013 до 2016 година. Така во првиот квартал во 2016 година БДП имал раст од 2% додека во 2015 година за истиот квартал растот бил 3,2% .

Во 2014 годин пак растот на БДП за првиот квартал изнесувал високи 3,9 % а во 2013 година македонската економија имала раст во првите три месеци од 2,9 %.

Македонската економија доживува катастрофално слаби резултати. Експертите велат дека ако се продолжи со вака слабото темпо на работење, БДП и во наредниот период нема да бележи добри резултати а тоа значи уназадување на економијата и пад на и онака нискиот стандард во државата.  Тие стравуваат дека со вакви резултати тешко дека ќе се постигне проектираниот раст на БДП за 2018 година.

Економски.мк

 

Трошоците на живот пораснале 1,7 процент

Трошоците на живот во мај годинава во однос на претходниот месец бележат пораст од 1,0 проценти, а во однос на мај лани пораст од 1,7 проценти. Цените на мало во овој период бележат раст од 0,7 проценти во однос на април годинава и 3,1 отсто во однос на мај лани, објави Државниот завод за статистика.

Пораст на индексите на трошоците на животот во мај 2018 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежиот и разладениот зеленчук, освен компирот и другите коренести плодови за 13,1 отсто, цигарите за пет отсто, свежото и разладеното овошје за 2,3 отсто, замрзнатото овошје за 1,3  отсто, другите прехранбени производи за 0,7 отсто, месото за 0,6 отсто, алкохолните пијалаци за 0,5 отсто, сирењето и урдата за 0,4 отсто, сушениот зеленчук, другиот конзервиран и преработен зеленчук за 0,3 отсто, рибата и морските плодови и безалкохолните пијалаци за 0,2 отсто.

Во мај 2018 година, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај туристичките пакет-аранжмани за 12,1 отсто, парамедицинските услуги за 7,2 отсто, течните горива за домаќинствата за  седум отсто, услугите за сместување за 5,9  отсто, болничките услуги за 5,5 отсто, течните горива и мазива како дел од опремата за сопствени сообраќајни средства за 4,6 отсто, дисковите, касетите, дискетите, цедеата, филмовите за 4,3 отсто, информатичката опрема за 2,9 отсто, гасот за домаќинствата за 2,4 отсто, обувките, телефон и телефакс-опремата за 1,1 отсто, теписите и другите покривки за под за 0,7 отсто, услугите за лична хигиена за 0,5 отсто, канцеларискиот материјал и материјалите за цртање за 0,4 отсто.

Намалување на индексите на трошоците на животот во мај 2018 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај маслото и маснотиите за 1,1 отсто, јајцата за 0,9 отсто, сувото овошје и јаткастите производи за 0,6 отсто, шеќерот, џемот, медот и кондиторските производи за 0,4 отсто и млекото за 0,2 отсто.

Намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај авионскиот превоз на патници за пет отсто, фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за 3,1 отсто, градините, растенијата и цвеќињата за 2,6 отсто, опремата за спорт, кампирање и рекреација во природа за 1,4 отсто, игрите, играчките и хобијата за 1,3 отсто, средствата за чистење и одржување на станот за 0,9 отсто, накитот и часовниците за 0,6 отсто, големите електрични апарати за домаќинствата, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 0,3 отсто.