сабота, 16. јануари 2021. Вести денес: 70
home Економија

Каде отиде оптимизмот на министерот Бесими? Најавуваше раст на економија, плати и стандард, а сега говори за распродажба на државен имот

Каде отиде оптимизмот на министерот Бесими? Најавуваше раст на економија, плати и стандард, а сега говори за распродажба на државен имот

Министерот за финансии Фатмир Бесими на вчерашната седница во Собранието изнесе загрижувачки податок дека Македонија веќе нема капацитет да се задолжува и дека средствата за нормално функционирање на државата ќе ги обезбедува со распродажба на државен имот.

-На среден рок треба да имаме добра стратегија за фискална консолидација. Одредени јавни претпријатија се само дополнителен товар за буџетот, а од друга страна имаме јавниот долг кој не треба да се зголеми- рече Бесими.

Очигледно дека состојбата со државната каса не е воопшто добра и заради тоа спласнува првичниот оптимизам на министерот Бесими кој постоеше во неговите изјави во септември оваа година. Тој на една од своите први прес конференции најавуваше стапки на раст од 4-5% и покачување на платите за 20% до 30% односно над 32 илјади денари.

-Јас и мојот тим веќе активно работиме на мерки и политики коишто ќе овозможат поддршка на обновувањето одржлив и инклузивен раст, во чиишто придобивки ќе уживаат што повеќе граѓани. Прво и најважно, до крајот на мандатот да ја вратиме економијата на солиден и одржлив раст од 4%, што ќе создаде солидна основа за удвојување на долгорочниот просечен економски раст од 2,6 проценти во последните 10 години на 4% до 5% раст во наредниот период- посочи Бесими.

Дополнително министерот Бесими на почетокот на октомври најави дека буџетскиот дефицит кој патем е рекорд и надминува 900 милиони евра, или 8,4% од вкупниот БДП, ќе се покрива од депозитите на државата и од задолжување со хартии од вредност на домашниот пазар, но никаде не спомена дека за оваа намена ќе се продава државен имот, земјишта, компании и инфраструктура.

Коронавирус