вторник, 18. февруари 2020. Вести денес: 75
home Економија

Итна гасификација на Македонија

Итна гасификација на Македонија

Домашните ресурси на јаглен  не се доволни за задоволување на целокупните потреби од електрична енергија без увоз, а на подолг рок (30-50 години) со исцрпување на резервите на јаглен, македонската енергетика ќе мора да најде решение за справување со увозната зависност. Логично е во периодот кој доаѓа јагленот да има придонес во обезбедување на сигурност и конкурентност, но природниот гас со намалување на цената пак да има сериозна улога во транзицијата на енергетските и еколошките предизвици.

Во анализите и планирањето на енергетскиот сектор на Македонија треба да се има предвид дека оваа Влада ја доведе Македонија како земја со низок степен на економски развој, висока корупција, низок стандард на живеење и слаб техничко-технолошки и институционален капацитет. Надминувањето на овие наталожени проблеми во овие сфери и покрај евентуална најдобра политичка волја ќе потрае подолг период. Тоа наметнува потреба од посебно внимание и крајна сериозност при креирањето на енергетските политики на долг рок.

Стратегијата за енергетика (2020-2040) која Владата на СДСМ неодамна ја усвои има три  сценарија на енергетска транзиција: референтно, умерено и зелено. Во сите сценарија енергетскиот сектор во Македонија влегува во енергетска транзиција со драстично зголемен удел на ОИЕ (обновливи извори на енергија), но за жал во ниедно однив не се обрнува доволно внимание на гасификацијата и гасот како гориво за производство на електрична енергија при  напуштање на јагленот. Цената на гасот, во сите сценарија би требало да опаѓа поради зголемената потрошувачка, што во оваа стратегијата не е случај.

Во референтното и умереното сценарио цената на гасот се зголемува за околу 40-50% каде се прави катастрофална непромислена грешка. А, можеби оваа Влада намерно ги форсира обновливите извори на енергија  без да овозможи таканаречена базна енергија.

Во умереното сценарио се предлага укинување на јагленот во 2025. Ова сценарио треба да биде наречено екстремна транзиција, а не умерена транзиција. Според стратегијата  во 2025 се напушта  јагленот, а гасот е на ниво на 20% инсталирана моѓност. До 2040 инсталираната моќност на системот достигнува 4 GW, од кои 13% на гас.  Останатите 87% се ОИЕ, од кои 42% (1.68GW) хидро, а останатите 45% (1.8GW) недиспечливи ОИЕ што ќе биде невозможно заради неконкурентноста на овие технологии и покрај оптимистичките анализи. Според стратегијата се предвидуваат инвестиции во  делот на фотонапонски централи и ветерници од 1.1GW капацитет без поддршка што за Македонија е голем предизвик во однос на финансиите.

Во  т.н. зелено сценарио  Владата исто  предлага  укинување на јагленот во 2025. Ова сценарио изведено во ваков временски период треба да биде наречено ултра екстремна транзиција, а не зелена транзиција. Според Стратегија за енергетика, во 2025 се укинува јагленот, а гасот е на ниво на 22% инсталирана моќност. До 2040 инсталираната моќност на системот  достигнува 4.1 GW, од кои 5% на гас. Останатите 95% се ОИЕ, од кои 42% (1.7GW) хидро, а останатите 53% (2.2GW) недиспечливи ОИЕ. Планирасни се инвестиции на фотоволтаици и ветер од 1.36GW капацитет без поддршка.

И во двете сценарија „умереното“ и „зеленото“, делот на недиспечливи ОИЕ (Фотоволтаици и ветер) би бил 45% односно 53% што е сериозна пенетрација и за најнапредните земји во светот. Трошоците и предизвиците за развој и оперирање на ваков систем, негово балансирање би биле огромни. Со минимален капацитет на базна енергија од гас, како што е планирано со Стратегијата, сериозно е доведена во прашање сигурноста во снабдувањето. Овие предлози укажуваат на дилетантски и несериозен пристап на владините иституции и инволвираните страни во изготвувањето на оваа Стратегија.

Потребна е итна изградба на гасни централи на постоечките локации каде се енергетските капацитети како РЕК-Битола ТЕЦ-Неготино и ТЕЦ-Осломеј. При поголема потрошувачка на гас нормално  би се намалила цената на гасот, што е сосема поволно за пазарот на електрична енергија. Исто така со ова би се направил и социјален баланс, доколку се користи квалификуваната техничка работна сила и знаење, кои според сценаријата од Стратегијата за кусо време би  останале невработени.

Иако цената на електричната енергија добиена од гас  во сите сценарија се зголемува, гасот и  понатаму  останува најатрактивна замена за јагленот:

  Референтно Сценарио Умерено Сценарио Зелено Сценарио
До 2030 25 Eur/MWh 25 Eur/MWh 20 Eur/MWh
До 2039 32 Eur/MWh 30 Eur/MWh 20 Eur/MWh

Владата на СДСМ воопшто не мисли на енергетиката во Македонија, за вработените во енергетските сектори кои ќе останат без работа, за огромните трошоци кои ќе ги дава Македонија за балансирање на системот. Цената на струјата  драстично ќе се зголеми заради енормно форсирање на ОИЕ и за лични богатења на поединци. Затоа е потребно навреме да се реагира, со цел  директната транзиција на  јагленот да не се одвива без користење на природниот гас, за да се избегне катастрофа за енергетиката во Македонија.

Стевче Антовски, дипл.ел.инж.