понеделник, 25. мај 2020. Вести денес: 47
Актуелна тема

Од минута во минута за ситуацијата со коронавирусот во Македонија и светот

home Економија

Државата контра трговците со нафта, РКЕ нанесува сериозни штети на нафтените компании, можно нарушување на пазарот

Државата контра трговците со нафта, РКЕ нанесува сериозни штети на нафтените компании, можно нарушување на пазарот

Регулаторната комисија за енергетика излезе со нови специфични тежини и густина на дериватите кои се користат во методологијата за утврдување на цените на нафтените деривати, што е трета промена од донесувањето на Правилникот за цените на нафтените деривати.

Во Правилникот за формирање на највисоки малопродажни цени на одделни нафтени деривати и горива за транспорт, објавен на 24 април годинава, не јасно и неспретно се применети специфичните тежини и густината на дериватите, па така во член 9, став 4 стои:

– Од 27 април 2020 година до 26 октомври 2020 година, густината (ρ) за секој нафтен дериват и гориво за транспорт од член 2, став (1) на овој правилник, со исклучок на мазутот М -1, изнесува: – за моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 изнесува 0,741 (килограм/литар), – за моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 изнесува 0,746 (килограм/литар), – за дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) изнесува 0,823 (килограм/литар) и – за масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) изнесува 0,824 (килограм/литар).

Вака наведените густини на дериватите се под просечните густини во регионот. Колку за споредба, во регионот густините се:

Во Хрватска (пред либерализацијата) за дизелот густините се 0,845 (килограм/литар), додека за бензинот изнесува 0,755 (килограм/литар);

Во Црна Гора актуелната густина на дериватите изнесува 0,859 (килограм/литар) за дизелот, а за бензинот изнесува 0,772 (килограм/литар);

Во Словенија (регулирани вон автопатите) густините изнесуваат 0,845 (килограм/литар) за дизелот и 0,755 (килограм/литар) за бензинот.

Кој во државата ги определува овие вредности? Зошто не се земени густините што детално се пропишани во Правилникот за квалитет на течни горива?

Дополнително, зошто од носењето на првиот правилник, специфичните тежини и густината на дериватите досега се менуваат неколку пати?

Од компанијата „Макпетрол“ АД Скопје, во вчерашното соопштение велат дека ваквите измени предизвикуваат сериозни штети врз работењето на компанијата и доколку не се пристапи кон измени на Правилникот, ќе бидат принудени да преземат сериозни мерки кои, како што се наведува, ќе резултираат со нарушување на стабилноста на нафтениот пазар во земјава.

„Со примена на новите густини за нафтените деривати и горива за транспорт, признаените набавни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од страна на РКЕ се пониски од реално набавните цени за трговците, што предизвикува значителни загуби во работењето. Нејасно од кои причини и врз основа на кои податоци и извори, РКЕ, од донесувањето на споменатиот Правилник во мај 2019 година, досега трипати ги менуваше густините на нафтените деривати и горивата за транспорт, велат од Макпетрол, додавајќи дека многупати досега на членовите на РКЕ им биле презентирани релевантни документи, меѓу кои и Правилникот за квалитет на течните горива.“, се вели во соопштението.

Оттука, нејасно е зошто институциите молчат и зошто не објаснат јавно кој ја доставува и предлага густината?

Дали при носење на вакви измени се нанесува штета во нафтениот сектор и на кого му одговара овој хаос ќе покаже времето.

Коронавирус