недела, 20. октомври 2019. Вести денес: 93
home Економија

Дали во Република Македонија е можна буџетска криза во 2019-та година?

Дали во Република Македонија е можна буџетска криза во 2019-та година?

Министерството за финансии на 25-ти јули ги објави податоците за извршување на буџетот за првата половина од 2019 година.

Според податоците, даночните приходи во вториот квартал од 2019 година номинално забележале просечен пад од 3,4%. Притоа, согласно планот на Министерството за финансии, за цела 2019 година растот на даночните приходи треба да изнесува 6,6%. Остварувањето во првата половина од 2019 година укажува дека овој таргет не само што не е достижен, туку и дека Министерството за финансии најверојатно во 2019 година ќе наплати помалку даноци од 2018 година.

Ваквиот тренд упатува на можност за сериозна буџетска криза и неопходност од значителна и болна фискална адаптација (фискално прилагодување) во следниот период.

Но да анализираме подетално.

Најголем е падот кај Данокот на добивка. Фирмите во Република Македонија уплатиле за 32% помалку данок на добивка во вториот квартал од 2019 година во однос на истиот квартал од претходната година, а во услови на проектиран раст од 3,5% кај приходите од овој данок за цела 2019 година. Навистина голем непредвиден пад кај наплатата на Данокот на добивка. Информација на што се должи овој голем пад кај данокот на Добивка нема никаде (ниту кај “најтранспарентното” министерство, како што претходниот Министер за финансии постојано потенцираше).

Едно можно објаснување е уплатениот данок на акумулирана добивка од страна на Џонсон Мети во 2018 година (1,2 милијарди денари), а во 2019 година најверојатно сумата е пониска. Нo друго објаснување не може никаде да се најде.

Дополнително, во вториот квартал од 2019 година нaплатата кај Нето-ДДВ е за 4,4% пониска од истата во вториот квартал од 2018 година, а во услови на проектиран раст на приходите по основ на нето-ДДВ од 5,8% за цела 2019 година. Дополнително кај бруто ДДВ растот на приходите е скромни 2,5%. Пониски приходи по основ на ДДВ значи пониска потрошувачка во Република Македонија, а следствено и пониски стапки на раст.

Релативно големи приходи во вториот квартал од 2019 година се забележани по основ на Данок на личен доход. Растот е двоцифрен, но да потсетиме дека Владата на СДСМ воведе прогресивен данок и втора даночна стапка од 18%, а дополнително го зголеми данокот по основ на наемнини, капитални добивки и дивиденди за цели 50%.

Сето ова навистина секој Министер за финансии треба да го загрижи. Дополнително, капиталните инвестиции за првите 6 месеци од 2019 година се скромни 20,3% од планираните (иако за јуни 2019 година се релативно добри). Во вакви услови на ниска наплата на даночни приходи и ниско ниво на капитални инвестиции, буџетскиот дефицит веќе изнесува 40% од планот.

Ваквата динамика упатува на можност за повисок буџетски дефицит од планираниот со буџетот за 2019 година.