понеделник, 19. октомври 2020. Вести денес: 146
home Економија

Бизнисот на колена, народот на вересија, а четвртиот пакет мерки од Владата ни на повидок

Бизнисот на колена, народот на вересија, а четвртиот пакет мерки од Владата ни на повидок

Македонскиот бизнис е веќе на колена, а народот со 40.000 нови невработени, може да се каже дека, веќе живее на вересија. Владата најави нов, четврт пакет мерки за помош на граѓаните и на фирмите за полесно да ја пребродат економската криза, но истиот го нема ни на повидок.

Пакетот мерки беше најавен за крајот на оваа недела, но новиот министер за финансии, Фатмир Бесими пред некој ден откри дека дел од мерките ќе се знаат дури наредната недела. За мерките да стапат на сила, а парите да сигнат до компаниите и граѓаните ќе треба да се менуваат закони, да се изгласаат во Собрание и да се објават во Службен весник.

Ова значи дека по објавување од Владата фирмите и граѓаните, најавената помош за подобрување на ликвидноста би ја добиле оптимистички за неколку дена, а песимистички на неколку недели.

Според најавите на владините претставаници помошта со исплата на минимална плата ќе продолжи, но со одредени измени, за да не се случи повторна злоупотреба од страна на газдите. Како што знаеме, имаше фирми што зеле пари од државата, а не им ги дале платите на работниците. А, имаше и фирми, како на пример тие на премиерот Зоран Заев и на поранешната министерка за финансии, Нина Ангеловска кои, иако не беа меѓу најпогодените од кризата а добија финансиска помош од државата.

Платежни картички ќе добијат пензионерите кои земаат до 15,000 денари пензија, самохраните мајки, како и неактивите баратели на работа.

Министерот за економија, Крешник Бетеши вчера најави дека овој пакет ќе биде поголем од третиот, кој изнесуваше 200 милиони евра.

Спопанствениците велат дека критериумите за претходните пакет владини мерки беа многу високи така што и покрај тоа што пакетите беа многу големи, по износ, голем дел од сретствата останаа неискористени.

Ангел Димитров од Здружение на работодавачи на Македонија, за Сител телевизија вчера изјави дека се надева оти доцнењето на мерките кои најверојатно ќе бидат готови до крајот на месецот, барем ќе вроди со плод така што ќе ги таргетираат сите засегнати компании.

-Јас очекувам и се надевам дека ова одолговлекување на мерките кои првично беа најавени до крајот на оваа недела, а министерот за финаансии вчера ги најави најверојатно за крај на месецот, ќе се направат мерки со кои ќе бидат таргетирани сите компании. Затоа што првичните меки, и покрај тоа што беа големи по износ и останаа дел од тие средства неискористени, а критериумите беа многу строги и неправични за сите компании, рече Димитров.

Тој додава дека новите мерки на Владата треба да бидат попристапни за многу компании, бидејќи нема фирма која не трпи штета поради КОВИД-19.

Коронавирус