сабота, 16. февруари 2019. Вести денес: 68
home Економија

Арсовска: Голем е бројот на фирмите што не прашуваат и бараат од нас информации за поволностите во соседството

Арсовска: Голем е бројот на фирмите што не прашуваат и бараат од нас информации за поволностите во соседството

Домашните компании ги анализираат условите за бизнис во соседните земји за да го преселат својот бизнис, странските компании кои ја скенираат состојбата одлучуваат да инвестираат во соседството. На пазарот на труд нема работници затоа што масовно се селат од државата.

Овие состојби го вклучија алармот на малите и средни компании во земјава кои денеска од Владата побараа итни и неодложни мерки, а се со цел да се избегнат катастрофални последици врз економијата. Од ССК предупредија дека политичката неизвесност го изеде приватниот сектор.

Според ССК, во услови на кршлива економија, политичките лидери треба да ја спуштат топката и да размислат што можат заеднички да направат за национален просперитет и за доброто на граѓаните. Во оваа насока и во насока на развој на економијата е неопходно да се слушне гласот на компаниите, на оние што го полнат државниот буџет.

ССК наведе седум приоритети кои, како што рече претседателката Данела Арсовска, Владата и министерствата мора да ги испочитуваат ако сакаат 2019-та да биде економска година.

Обезбедување политичка и правна сигурност, континуиран раст на стопанството, менување на законите исклучиво во консултација со бизнисот, јасна волја за напредок без корупција, итни реакции на институциите веднаш по какво било укажување на бизнис заедницата, минимизирање на поларизацијата во општеството и зајакнување на борбата против сивата економија, се приоритетите на ССК кои ги образложи Арсовска.

Се соочуваме со интензивна миграција која треба да се спречи сега и веднаш. Голем е бројот на фирмите што не прашуваат и бараат од нас информации за поволностите во соседството. Сакаат дел од своите деловни активности да префрлат таму, нагласи претседателката на ССК.

Секој од седумте приоритети на ССК во себе содржи по неколку барања од членките кои се засега вкупно 20.000 и доаѓаат од различни регони на Македонија.