четврток, 26. април 2018. Вести денес: 50
home Економија

„Алфа“: Просечната плата се пресметува или се штелува!?

„Алфа“: Просечната плата се пресметува или се штелува!?

Дали просечната плата во Македонија се штелува или се пресметува? Извлекувањето на просекот – што за прв пат надмина 24 илјади денари, а владата неколку дена го користи за да се фали, има полно недостатоци.

Ова за Алфа индиректно го признава пресметувачот – Државниот завод за статистика. Бројните критички експертски реакции деновиве дека просечната плата е илузорна и не соодветствува  со реалниот македонски животен стандард, во комбинација со недостатоците во пресметката, со право ја наметнуваат дилемата дали овој просек е вештачки напумпан?

-24 илјади е добиен просек врз основа на случаен примерок од целата електронска база на УЈП. Ова е првиот недостаток, ако според меѓународните стандарди се знае дека кога постои сеопфатна база, нелогично е од неа да се извлекува примерок па да се пресметува просек, туку просекот се вади од сите податоци во базата на УЈП. Вака се пресметува секаде во Европа, па и во балканскиот регион, ама не и кај нас. Зошто нашиот завод не ги почитува меѓународните стандарди и Еуростат?   Просекот пресметан според меѓународни стандарди, со користење на сите податоци од УЈП, ќе ја смени основицата за оданочување, ама и платите на функционерите, исто така, анализира Алфа.

Па затоа лебди и прашањето кому во суштина му одговара примерочно пресметување наместо да се земе предвид целата база без исклучок?

Алфа објавува дека симптоматично е и што во примерокот се опфатени големите и средни претпријатија, но  малите се чинат исклучени. Според Чаушоска, невозможно било мала земја како нашата да ги вклучи сите мали претпријатија чиј број бил најголем.

-Нејасен е и критериумот на случајното електронско влечење од базата на УЈП. Исто така, никаде не е објавена статистичката грешка, што ако се користат сите податоци нема да постои, ама кога е во прашање примерок мора да ја има. Зошто државните статистичари одбиваат да пресметуваат средна плата- податок со кој сликата нема да е розова, ами реална, но и поточна, прашуваат познавачите деновиве. Заводот не бил обврзан да ја даде таа слика.

Сето ова упатува на дилемата дали европските стандарди се задолжителни само за области за кои на властите им одговара, додека по потреба смислуваме сопствени – па и спротивни на меѓународните, како во случајов? Освен чудно изведениот просек од 24 илјади, позитивен ефект од користењето на базата на УЈП е намалувањето на трошоците за прибирање на податоците, што порано бил силен терет за буџетот, анализира телевизијата.