вторник, 17. јули 2018. Вести денес: 105
home Економија

40 милиони евра годишно ги чини граѓаните покачената акциза од СДСМ

40 милиони евра годишно ги чини граѓаните покачената акциза од СДСМ

Како покачувањето на акцизата за дизелот, мазутот и за екстра лесното масло за домаќинство ќе се одрази на индустриското производство, земјоделието, транспортот и сообраќајот?

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2016 година во индустријата, за индустриско производство,  се потрошени вкупно 31.305.396 литри дизел, 18.223.881 литри нафта за ложење, 47.501.000 литри мазут. Оваа потрошена количина е исклучиво за производство, не и за транспорт.

Доколку ја вкалкулираме повисоката акциза и ДДВ од 3.5 денари ке дојдеме до заклучок дека трошоците за индустриско производство ќе се зголемат за 339.605.968 денари или  5.522.048 евра на годишна основа (под претпоставка дека во 2018 година ќе се потроши истата количина на дизел, нафта за ложење и мазут  како и во 2016 година)

5.522.048 евра за една година ќе ги чини компаниите повисоката акциза

5.522.048 евра ќе платат дополнително компаниите за една година поради повисоката акциза. Тоа се повисоки трошоци за производство, што ќе влијаат на поскапување на цената на произведените производи а тоа ги прави понеконкурентни домашните компании на странските пазари, што секако ќе влијае и на извозот и на вкупната економија.

На овие дополнителни трошоци за компаниите предизвикани од растот на акцизата најавена од министерот Тевдовски, треба да се додадат и транспортните трошоци.

Во текот на 2016 година, потрешено е вкупно 571.846.154 литрa дизел за транспорт, од кои 569.540.758 литри во патниот сообраќај и 2.305.396 во железничкиот сообраќај. Повисоката акциза на дизелот ќе ги чини компаниите и граѓаните вкупно 2.001.461.538  денари или 32.544.090  евра (под претпоставка дека во 2018 година ќе се потроши истата количина дизел како и во 2016 година)

 

Транспортот во 2018 година ќе чини дополнителни 32.544.090 евра како резултат на повисоката акциза на дизелот. Населението и компаниите ќе платат дополнителни 32.544.090 евра за транспорт.

Повисоката акциза на дизелот покрај намалувањето на конкурентноста на македонските  компании ќе значат и раст на цената на приватниот и јавен транспорт кој го користи населението.

Поскапиот дизел и мазут како резултат на повисоката акциза негативно ќе се одрази и во земјоделието. Познато е дека мазутот се користи во процесот на оранжериско производство. Во  2016 година во земjоделието за оранжериско производство е потрошено вкупно 5.517.000 литри мазут. Тоа значи дека дека компаниите кои имаат оранжериско производство ќе платат дополнителни 19.309.500 денари односно 313.976 евра како резултат на растот на цената на акцизата на мазутот( под претпоставка дека цената на мазутот ќе се зголеми за 3.5 денари и дека ќе се потроши истата количина како и во 2016 година). Со покажувањет на акцизата на дизелот, трошоците за производство на еден хектар житни култури се зголемува за 600 ден. Трошоците за 1 хектар производството на зелка и кромид (градинарски култури) се зголемуваат за 800 денари. Овие дополнителни трошоци за земјоделците со сигурност ќе влијаат на намалување на површините под користено земјоделско земјиште а со тоа и на земјоделското производство.

Покрај кај компаниите, повисоката акциза на дизелот негатино ќе влијае и на домаќинствата. Тоа го видовме со повисоките трошоци за сообраќај. Дополнителни, во 2016 година, домаќинствата кои се загреваат на нафта потрошиле вкупно 4.319.173 литри нафта за ложење. Со повисоката цена на нафтата, загревањето со користење на нафта, на годишна основа на ниво на држава, домаќинствата ќе ги чини дополнителни 15.117.107 денари односно 245.807 евра.

За вкупните негативни ефекти потребно е да се вкалкулираат и последиците предизвикани од инфлационата спирала како резултат на зголемената акциза за дизелот односно растот на цените на  малопродажните производи, кој раст на цени ќе го осетат сите граѓани на Република Македонија.

Дополнително, анализата е направена со користење на достапните податоци за 2016 година. Доколку се анализира трендот, од година во година потрошувачката на нафта се зголемува, што значи дека дополнителните трошоци ќе бидат и повисоки.

Покачената акциза на дизелот и мазутот значи огромен трошок за компаниите и осиромашување на граѓаните. Од друга страна, од досегашните информации за проектираниот буџет за 2018 година, повторно е предвидено слично ниво на буџетски дефицит од 2,8% и умерен економски раст.

Да заклучиме, со растот на акцизата на дизелот и мазутот, во 2018-та година компаниите ќе имаат повисоки трошоци за производство, граѓаните ќе станат посиромашни, задолжувањето на Владата ќе продолжи а економијата, во најмала рака, ќе стагнира.

ВМРО-ДПМНЕ бара укинување на покачувањето на акцизата на дизелот кое го воведе СДСМ, бидејќи ударот по џебот на граѓаните е огромен

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, во Собранието на Република Македонија ќе поднесе предлог- закон за намалување на акцизата на дизел горивото. Власта на чело со Зоран Заев ги осиромашува македонските граѓани. Покачувањето на акцизата на дизелот за 3.5 денари е удар по џебот на најсиромашните. Еден просечен граѓанин во просек месечно плаќа 200 денари плус. Односно на годишно ниво само поради покачувањето на акцизата граѓаните плаќаат 2400 денари повеќе, истакна Драган Данев, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија.

-Откако власта ја покачи акцизата, цената на дизелот галопирачки се зголемуваше и од 46 денари за литар во времето кога СДСМ ја презеде власта се зголеми на 60 денари. Тоа е покачување за 30%. Имено додека цената на дизелот се зголеми за 30%, платите и стандардот на граѓаните  не пораснаа ниту процент. Во изминативе година дена оваа власт само зема  од граѓаните. Додека од една страна се фалеа дека со радиодифузната такса кратат од давачките на граѓаните, од друга страна суптилно преку покачувањето  на акцизата директно им земаат од џеб и тоа повеќе отколку што се фалеа да им заштедиле со радиодифузната такса, рече Данев и додаде:

„Според податок од ДЗС, во 2015 година, во Република Македонија имало регистрирано 163.038 дизел возила. Доколку таа бројка ја помножиме со 2400 денари, колку впрочем и го чини еден просечен граѓанин покачувањето на акцизата доаѓаме до бројка од 391 милион и 290  илјади денари, односно 6 милиони и 360 илјади евра годишно. Ова е само цената која ќе ја платат граѓаните, додека превозниците и транспортерите ќе ги чини над 32 милиони евра, а индустријата над 5 милиони евра. Самото покачување на акцизата влијаеше и на покачување  на автобуските и такси услуги, кои повторно се директно на удар на граѓаните. Трошокот кои директно ќе го платат граѓаните е над 40 милиони евра.  Индиректниот трошок многу поголем“.

Токму затоа, подвлече Данев, ВМРО-ДПМНЕ бара укинување на покачувањето на акцизата, кое го воведе СДСМ, бидејќи ударот по џебот на граѓаните е огромен. Покачената акциза влијае дестимулативно на економијата и го забавува нејзиниот раст.