петок, 21. септември 2018. Вести денес: 68
home Македонија

Брисел ќе предложи поедноставни гласачки процедури во ЕУ

Брисел ќе предложи поедноставни гласачки процедури во ЕУ

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер потврди дека Брисел наскоро ќе излезе со предлог за поедноставување на гласачките процедури во ЕУ, пред се во областа на надворешната политика, но и во фискалната сфера.

Јункер нагласи дека сака да се зацврсти способноста на ЕУ да зборува „со еден глас“.

– Не е нормално Европа да не може да зборува со еден глас за да ги осуди кршењата на човековите права во Кина, затоа што една земја членка се противи. Поради тоа Комисијате ќе предложи да се премине на квалификувано мнозинство во одредени области од надворешните односи, рече Јункер.

Тој потсети дека постоечките повелби на ЕУ веќе му овозможуваат на Советот да ја искористи клаузулата за носење одлуки со квалификувано мнозинство.

Иако се уште не се обзнанува кои области ќе бидат опфатени во предлогот на ЕК, дипломатите во Брисел брифираат дека се однесува на човековите права во трети земји, како што сугерираше Јункер, како и на воведувањето санкции.

Јункер побара ЕУ да се врати на патот на барањето компромис.

– Барањето компромис не е слабост, не е жртвување на нашите верувања, изјави првиот човек на ЕК.

Тој рече дека е загрижен што „некои сакаат да стават крај на дебатите“, и остро ги осуди нападите врз новинарите и слободата на медиумите, без притоа да именува одделни земји членки.

Последнава година се убиени двајца новинари во две земји членки на ЕУ: Словачка и Малта, додека властите во Унгарија редовно се мета на критики од страна на европските институции за својот однос кон медиумите.

Во однос на Унгарија и гласањето кое треба да се одржи попладнево во Европарламентот за членот 7 со кој се предвидува суспензија на правото на глас на една земја членка, Јункер порача дека „членот 7 мора да се примени онаму каде владеењето на правото е во опасност“.