среда, 28. октомври 2020. Вести денес: 107
home Живот и стил

Што мора да сфатите кога станува збор за мажите?

Што мора да сфатите кога станува збор за мажите?

Жените и мажите не се исти. Навистина има разлики помеѓу нив, а често тоа е и начинот на којшто ги разбираат врските. И мажите и жените понекогаш не се трудат да се разберат едни со други и двата пола грешат кога е во прашање љубовта.

Денес оваа објава ја посветуваме на жените и им даваме неколку практични совети кои ќе им помогнат во врските, а во некој од наредните текстови ќе се посветиме и на мажите и на нивните грешки. Па дами, овие работите морате да ги сфатите во врска со мажите и љубовта:

Мора да му дадете простор

Ок, разбираме дека го сакате, ама тоа не значи дека треба цело време да бидете заедно како сијамски близнаци. Оставете му простор и нему и себе. Правете ги работите што сте ги правеле и пред него. Оставете работите да се случуваат спонтано. Двајца луѓе во врска мораат да дишат и да имаат и одвоени животи.

Ако решил да си оди, ќе си оди

Џабе е сето молење, промена на личен изглед и карактер само за да ве сака повеќе. Ако тој сака да ве напушти и да биде слободен, нема поента во тоа со сила да го терате да остане во врска или да ве сака.

Ако решил да ве изневери, ќе го направи тоа

Залудна е слепата љубомора, следење, проверување на телефон. Ако некој сака да изневери, многу лесно може да го направи тоа и тоа без да дознаете вие. Ако постојано имате љубоморни испади, тоа не значи дека ќе го спречите изневерувањето. Врска мора да градите на основа на доверба.

Имате нереални фантазии за вашиот однос

Понекогаш се случува да се заљубиме во идејата за некого, а не во самиот човек. Наместо да си го замислувате идеалниот живот кој ќе го имате, најдобро е прво реално да го анализирате вашиот однос и да оставите врската сама да се развива.

Не се обидувајте да го смените

Никој не е совршен. Сите имаме маани. И секако дека ќе има работи што ќе ве нервираат кај него. И со компромис се може да се постигне. Но, не смеете да се обидувате да промените некого за да го обликувате врз основа на вашата замисла за идеален маж.

Не се обидувајте да го направите љубоморен

Ова е толку детски, што нема ни потреба да се објаснува. И делувате само несигурно.

Олабавете со драмите

Никој не сака да биде во врска во која постојано е под стрес и која повеќе наликува на шпанска серија отколку на нормална и зрела врска. А тоа е лошо и за вас. Кога не ви се допаѓа нешто кажете го тоа и на зрел, возрасен начин работете на решавање на проблемите.

Самодовербата не смее да ви зависи од него

Не треба да чекате потврда од него за тоа дека сте убава и паметна. Самодовербата мора да поттекнува од вас самите. За да сакате некого, прво мора да се засакате себеси.

Учесте од вашите грешки и применете ги лекциите во секојдневниот живот. Само така можете да уживате во љубовта.

Коронавирус