четврток, 26. ноември 2020. Вести денес: 55
home Живот и стил

Престанете да ми кажувате дека сум се здебелила!

Престанете да ми кажувате дека сум се здебелила!

Таа стоеше на другата страна на улицата, јас весело мавнав сакајќи да ја поздравам. Најпрво бледо ме погледна, а потоа викна на цел глас: „Леле не те препознав, ми делуваш подебела од порано.“ И покрај тоа, ја преминав улицата и почнав да се правдам дека секогаш сум иста, некој килограм повеќе или помалку… Не знам што ѝ беше намерата, можеби само лошо се изрази, но дефинитивно ми го расипа денот.

Додека бев помлада, никогаш немав некој голем проблем со килограмите, секогаш бев во рамките на просекот, но сѐ се промени кога останав трудна и кога влегов во тој маѓепсан круг на борба со вишокот и кога целото тело сосема ми се промени. Со години после породувањето се мачев со килограмите, имав чувство дека се дебелеам и од воздух, секогаш бев на некакви диети и никогаш не бев задоволна со сопствениот изглед, а диетите ми беа комфорна зона.

А и сега не е нешто поинаку. И ден денес имам еден пар фармерки кои не ги носам, туку ми служат за тестирање на килограмите, со оглед на фактот дека немам вага. И ден денес го мразам фактот дека бутовите ми се допираат, иако така сум градена и тоа никогаш нема да се промени. И ден денес не носам тесни маици за да не ми се истакне стомакот. И ден денес ставам перница на стомакот за да се камуфлирам.

Поентата на овој текст не е како да се прифатиш себеси дури и со вишок килограми, бидејќи е очигледно дека сѐ уште не сум стигнала до тој стадиум, туку поентата е да им се укаже на луѓето колку е глупаво и беспотребно да се коментираат туѓите килограми. Тоа нешто што вие онака попатно го кажувате само затоа што немате што попаметно да кажете, некому може да му го расипе денот, може да направи во следните пет часа да чувствува грижа на совест секојпат кога ќе стави залак во уста, да размислува за тоа дека не се грижи за себе и слично.

Поентата на овој текст не е ни критика за медиумите кои наметнуваат некои нереални стандарди за убавина. Тоа го имало и секогаш ќе го има. Поентата на овој текст е нечовечноста.

Јас упорно тврдам дека фактот што постојано сум незадоволна со изгледот е нешто нормално, дека нормално е тоа што не знам како да примам комплимент и што најчесто се трудам да ги разубедам луѓето. Можеби не сакам да признаам дека туѓите коментари влијаат на мене до тој степен што сум несигурна како да сум тинејџерка.

Досега не ми се случило маж да ја прокоментира мојата килажа, освен мојот татко, за кого секогаш сум слаба и исушена. Сите негативни коментари ги имам добиено од жени. Зошто? Се прашувам, зошто? Еве и вас ве прашувам, ЗОШТО?

Кога првпат после породувањето стигнав до посакуваната килажа после многу мака и труд, тие најчесто ме прашуваа дали сум болна бидејќи сум била пропадната. Од друга страна, кога ќе се здебелев, ме штипеа за образи и ми го галеа стомакот, мислејќи дека сум трудна.

Да бевме во средно, ова ќе се нарекуваше силеџиство и малтретирање. Секогаш ќе има идиоти и будали, а вие потрудете се да не бидете таа будала која со непристојни коментари ќе повреди нечии чувства.

Што добивате со тоа?

 

Коронавирус