сабота, 21. септември 2019. Вести денес: 91
home Живот и стил

Поучна приказна за несоодветните коментари: Некаде постои жена…

Поучна приказна за несоодветните коментари: Некаде постои жена…

Некаде постои жена: 30 години, без деца.

Луѓето цело време ја прашуваат: „Уште немате деца“? Нејзиниот одговор секојдневно варира, но најчесто вклучува лажни насмевки и задршка. „Не, уште не“, вели таа, со насмевка, поттиснувајќи ја фрустрацијата. Личноста пред неа ѝ вели: „Не чекајте премногу. Часовникот отчукува, знаеш.“ Оваа личност среќно си заминува, горда на својот мудар коментар. Жената сѐ уште ја има насмевката на лицето. Кога останува сама, се расплакува..

Плаче затоа што досега 4 пати беше трудна и имаше спонтани абортуси. Плаче затоа што почнаа да се обидуваат да имаат дете уште на првата брачна ноќ, а тоа беше пред 5 години. Плаче затоа што нејзиниот сопруг има поранешна сопруга која му има подарено деца. Плаче затоа што сака да се обиде ин-витро, но нема пари за уште едно, а сите претходни обиди беа неуспешни. Плаче затоа што нејзиниот сопруг се обвинува себеси и таа вина го уништува нивниот брак.

Плаче затоа што сите нејзини сестри имаат деца. Плаче, затоа што една од нејзините сестри не ни сака деца. Плаче затоа што нејзината најдобра другарка е трудна. Плаче затоа што нејзината мајка сѐ уште прашува. „Ајде, што чекате?“ Плаче затоа што нејзиниот свекор и свекрва сакаат да бидат дедо и баба. Плаче затоа што има жени кои остануваат трудни и без да се трудат. Плаче затоа што веќе ги има одбрано имињата. Плаче затоа што има празна соба во нејзиниот дом. Плаче затоа што има празен простор во нејзиното тело. Плаче затоа што е одлична тетка. Плаче затоа што има толку многу да понуди. Плаче затоа што знае дека тој ќе биде одличен татко. Плаче затоа што и таа би била одлична мајка, но не е.

Некаде на друго место постои друга жена: 34 години, 5 деца. 

Луѓето ѝ велат: „5 деца, Боже мили, се надевам нема да раѓаш повеќе.“ И потоа се смеат, затоа што тие коментари се смешни. Жената исто така се смее, но таа насмевка не е искрена. Таа ја менува темата, како и секогаш. Само уште еден ден. Кога останува дома, плаче… Плаче затоа што повторно е трудна и има чувство дека мора да ја крие нејзината среќа… Плаче затоа што отсекогаш сакала големо семејство и не гледа зошто луѓето реагираат така. Плаче затоа што таа нема ниту брат, ниту сестра и секогаш се чувствувала осамено кога била дете. Плаче затоа што не може да си го замисли животот без децата, но луѓето се однесуваат како тие да се казна.

Плаче затоа што не сака да биде сожалувана. Плаче затоа што таа и нејзиниот сопруг се совршено способни да се грижат за семејството. Плаче затоа што сите мислат дека таа е неодговорна. Плаче затоа што ѝ е преку глава од „смешните“ коментари. Плаче затоа што таа си ја гледа својата работа. Плаче затоа што некогаш се сомнева во себеси. Плаче затоа што сѐ што сака е да живее и да ја остават на мир.

Некаде постои и друга жена: 40 години, едно дете.

Луѓето цело време ѝ велат: „Само едно? Никогаш не сакаше уште едно?“ Таа смирено вели: „Среќна сум со моето едно.“ Ова ѝ е подготвениот одговор кој 100 пати го има дадено. И луѓето ѝ веруваат. Никој не се ни сомнева дека кога ќе остане сама, таа плаче. Плаче затоа што и таа една бременост беше чудо. Плаче затоа што син ѝ сѐ уште бара брат или сестра. Плаче затоа што отсекогаш сакала барем три. Плаче затоа што нејзината втора бременост мораше да биде прекината за да ѝ го спасат животот.

Плаче затоа што докторот и вели дека е премногу ризично да остане трудна. Плаче затоа што сопругот ѝ почина и не може повторно да најде љубов. Плаче затоа што нејзиното семејство мисли дека ѝ тоа едно е доволно. Плаче затоа што е навлезена длабоко во кариерата и не може да си дозволи да се повлече. Плаче затоа што нејзината постпородилна депресија беше премногу интензивна. Плаче затоа што не може да има уште едно дете.

Овие жени се насекаде. Тие се нашите соседки, пријателки, сестри, колешки, братучедки. Нивните матки се нивна работа. Ајде да го почитуваме тоа!