сабота, 6. јуни 2020. Вести денес: 79
Актуелна тема

Од минута во минута за ситуацијата со коронавирусот во Македонија и светот

home Живот и стил

Ова не се вистини, туку митови за коронавирусот и треба да се игнорираат

Ова не се вистини, туку митови за коронавирусот и треба да се игнорираат

Бројот на заболени од коронавирусот расте низ светот, а лек сѐ уште нема. Сепак, тоа не е пречка голем број здравствени совети да се шират на интернет – некои релативно безопасни, а некои, пак, штетни.

Ова се некои од најраспространетите совети што се делат онлајн.

Лук

Од Светската здравствена организација велат дека иако се работи за здрава храна, со одредени антимикропски својства, не постојат докази дека лукот може да ги заштити луѓето од коронавирус.

Чудотворни минерали

Јутјуберот Џордан Сејтер, кој има неколку илјади следбеници на различни интернет-платформи, тврди дека чудотворни минерални суплементи (ММС) можат да го истребат коронавирусот. ММС содржи хлор диоксид (индустриски избелувач). Американската управа за храна и лекови предупреди дека ММС е опасен за здравјето, ако се пие.

Средства за дезинфекција на раце направени дома

На социјалните мрежи се појавија голем број рецепти за правење средства за дезинфекција во домашни услови. Научниците, пак, препорачуваат дека миењето на рацете со вода и сапун, сепак, е најдобра превенција.

Сребро што се пие

Во групи што се залагаат за „медицинска слобода“ и кои се сомничави кон институционалните медицински совети, се појавија тврдења дека течното сребро го убива коронавирусот за 12 часа. Станува збор за колидна сребрена вода, за која научниците тврдат дека не постојат докази дека може да помогне за која било здравствена состојба, а освен тоа може да предизвика и оштетување на бубрезите, мозочен удар, како и состојба од која посинува кожата.

Вода на секои 15 минути

Научниците велат дека вирусот од воздухот влегува во телото преку респираторниот тракт. Некои од нив може да влезат преку устата, меѓутоа земањето вода нема да спречи некој да се зарази.

Топлина

Постои тврдење дека топлината го убива вирусот. Затоа многу луѓе почнаа да пијат топли напивки или се изложуваат на сонце. Меѓутоа, доколку вирусот влезе во телото, топлината нема да го убие. Телото мора само да се справи со вирусот. Надвор од телото, пак, вирусот може да се убие на околу 60 степени, па затоа е добро алиштата да се перат на таа температура.

Извор: НоваМакедонија

Коронавирус