недела, 29. ноември 2020. Вести денес: 69
home Живот и стил

Околу 1.500 здрави млади лица намерно ќе бидат заразени со коронавирус

Околу 1.500 здрави млади лица намерно ќе бидат заразени со коронавирус

Проектот “1DaySooner”, познат и како „Студија за предизвик на КОВИД-19“, го потпишаа околу 1.500 луѓе од целиот свет. Идејата на контроверзниот проект е младите и здрави луѓе да се вакцинираат со една од потенцијалните вакцини за КОВИД-19 и потоа да бидат заразени (свесно) со новиот сој на коронавирус. Потоа би се следела реакцијата од нивниот имунолошки систем, пренесува американски “Newsweek”.

„Ние сакаме да регрутираме што повеќе луѓе што сакаат да учествуваат во овој проект и да ги квалификуваме како потенцијални учесници во клиничките експерименти доколку тие се случат“, изјави Џон Морисон, еден од основачите на оваа идеја и извршен директор на “Wailist Zero”, лоби група која се залага за донации на бубрези за трансплантација.

Развој на вакцини и лекови е процес што трае, понекогаш подолго од една деценија. Епидемијата на коронавирусот доведе до развој на десетици потенцијални вакцини за КОВИД-19. Процесот се забрзува за да се започнат клиничките испитувања што е можно поскоро, но научниците предупредуваат дека вакцинацијата за новиот коронавирус може да започне за една година, и тоа е најдоброто сценарио.

Студијата, теоретски гледано, би можела да се одвива побрзо. Зошто? Во овој случај вакцината би ја примиле далеку помала група на волонтери од оние кои би ја примале во клиничките експерименти.

Кој се пријавил за контроверзниот проект? Морисон откри дека станува збор за помлади урбани луѓе кои се крајно мотивирани да направат нешто ефикасно и значајно пред крајот на пандемијата.

„Многумина нагласуваат дека се свесни за ризиците, но веруваат дека придобивките од забрзувањето на развојот на вакцините се толку големи што ризикот се исплати“, кажал Морисон, чија идеја добила поддршка од 35 застапници во американскиот Конгрес предводени од демократите Бил Фостер и Дон Шалал.

Важно е да се каже дека вакви слични студии се применуваат и за развој на вакцини против грип и развој на лекови за маларија.

“Изложеноста на здрави луѓе на вирусот звучи многу подраматично отколку што е навистина. Студии како ова честопати се прават за помалку опасни заболувања, со пониска стапка на смртност”, изјавил за “The Journal of Infectious Diseases” Нир Ејл од Универзитетот “Rutgers”, кој го подржува контроверзниот проект за КОВИД- 19.

Професорот посочил дека намерното ширење на вирусот во рамките на студијата е побезбедно од случајна инфекција за учесниците во проектот, бидејќи тие ќе добијат најдобра можна здравствена заштита.

Коронавирус