понеделник, 30. ноември 2020. Вести денес: 71
home Живот и стил

Обичаи за Ѓурѓовден: Се плете венец од растенија, девојките тргнуваат во лов на мажи

Обичаи за Ѓурѓовден: Се плете венец од растенија, девојките тргнуваат во лов на мажи

Ѓурѓовден, празник во чест на Свети великомаченик Георгиј Победоносец, празникот на обновувањето на природата и на животот воопшто се празнува денеска.

Празникот на светиот великомаченик Георгиј познат како Ѓурѓовден се празнува на 6 мај според новиот или на 23 април според стариот календар.

Тој се смета за најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското туку и целото население во Македонија што од друга страна значи дека во неговата основа е празнувањето на природата, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто.

Именден празнуваат: Ѓорѓија, Ѓуро, Ѓурѓа, Ѓоре, Ганка, Ганчо, Гинка и др.

Големиот црковен и народен празник посветен на светиот великомаченик Георгиј Победоносец маѓу народот познат како Ѓурѓовден спаѓа меѓу неподвижните празници или меѓу празниците со постојан датум. Секоја година се паѓа на 6 мај според новиот, или на 23 април според стариот календар. Ѓурѓовден е најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското туку и другото население, што од друга страна зборува за фактот дека во неговата основа лежи некој голем претхрстијански празник во чест на пролетта, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто. Како голем празник Ѓурѓовден се поврзува со Велигден па и во народната пена се пее за нивната поврзаност, за раззеленувањето на вегетацијата и за враќањето на животот по пасивниот зимски период.

Свети Георгиј е погубен на 6 мај (23 април) според некои извори 303 година и секоја година на овој датум Светата црква го празнува споменот на својот Великомаченик. Освен овој празник нашиот народ го празнува и 16/3 ноември денот кога е обновен храмот на св. Георгиј и овој празник е познат како Ѓурѓиц.

Главни обичаи за време на Ѓурѓовден се:

– Плетење на венец од растенија
– Миење со водата во која се потопуваат растенија
– Бањање во река.

Ноќта, наспроти Ѓурѓовден, некој од домашните ќе скине зелени гранки во најблиската шума и со нив ги закитува вратите и прозорите на куќите и останатите простории, како што се влезните порти и капии. Ова се прави (според христијанското верување) поради тоа да годината и домот бидат “бериќетни“ – “да има здравје, плодови и род во домот, полето, во трлата и шталите“.

Исто така се плетат венчиња од “ѓурѓевско цвеќе“: ѓурѓевка, млечка и други, и со нив се закитуваат влезните врати на дворот и куќата. Тие венци стојат над вратата цела година, до следниот Ѓурѓовден.

Наспроти Ѓурѓовден, домаќинката во сад полн со вода става разни пролетни растенија: дрен, па потоа здравец и на крај грабеж , црвено јајце и пазикуќа, а потоа тоа се става под ружа во градината да преноќи.

Наутро сите се мијат со водата: (според христијанското верување) децата – “за да бидат здрави како дрен“, девојките – “момчињата да се грабат за нив“, старите – “да бидат здрави“, домаќинот – “куќата да му биде добро чувана“ итн. Секој според своите потреби и желби.

Од голема важност е и бањањето во река, пред изгревот на сонцето (понекогаш во реката се фрлаат и венци од цвеќе или се истура млеко).

Се верува дека Ѓурѓовден е најпогодно време за изведување на магиски дејствија. Од веќе заборавените магиски активности поврзани со овој повпечатливи биле преземањето на млекото од туѓата стока (овци, крави и сл.), како и симнувањето на Месечината. Се верувало дека преземањето на млекото можело да се направи само спроти Ѓурѓовден. Но тоа не можела да го направи секоја жена туку само жена што прајасала (престанала да раѓа). Ова магиско дејствие се правело точно на полноќ (глуво доба) и требало да се изврши во најголема тајност, зашто ако некој ја видел жената што тоа го правела магијата не дејствувала. Тогаш жената се соблекувала сосема гола (како од мајка родена) јавнувала едно кросно и одела на средселото. Тука три пати ја обиколувала чешмата водејќи сметка да не стапне во водата. Потоа се упатувала во дворот, шталата или трлото каде што се наоѓала стоката чие млеко сакала да го преземе. Пред да влезе во објектот три пати го обиколувала, растурала пепел од грнето што го носела со себе, и потоа влегувала кај стоката. Тука од грнето вадела пепел и истурала по еден грст на колците на кои била врзана стоката. Потоа молзела по малку млеко од секоја крава и пред да излезе од шталата, се испоганува на самиот нејзин влез. Притоа велела: „На мене млеко и масло, на тебе г….!“ – Потоа се враќала во својот дом по истиот пат по кој одела. Пепелот што го тура на колците го прави за тука сè да се запусти, а кај неа сè да се подмлади.

Народот верувал дека ако некој го украде млекото од стоката (овци, кози, крави) тие нема да имаат воопшто млеко, и тоа што ќе го имаат ќе смрди. Ова верување до скоро беше дел од нашата народна кутура. По селата многу се раскажуваше за стада каде што овците се слаби наранети, а јагнињата се големи и нахранети. Тоа се сматаше за последица од пренесување на млекото од едно стадо на друго.

Стефан Тановиќ во записите од Гевгелиско пишува дека оваа жена што презема туѓо млеко пред да тргне да ја изведува магијата, најпрвин ја симнува Месечината на земјата, а дури потоа ја прави магијата во врска со млекото. Симнувањето на Месечината исто така се правело на полноќ. Жената магесница излегувала незабележано, се соблекувала гола, го јавнувала кросното, одела зад куќата и тука застанувала на главата и потпирајќи се на рацете три пати се свртувала во круг. Потоа на местото каде што и била главата се испоганувала (вршела нужда). Потоа пак го јавнувала кросното, завртувала три пати околу изметот и каснувајќи од него се свртувала кон месечината и велела: „Јас сум теле, ти си крава!“ Кога тоа ќе го речела три пати пак се свртувала околу изметот повторно ќе каснела од него и пак ќе ги речела истите зборови: „Јас сум теле ти си крава!“ Кога тоа ќе го речела и по трет пат и кога сè ќе направела, месечината голема како гумно, се спуштала и застанувала до неа. Месечината полека се претворала во крава и почнувала да рика токму како крава. Потоа ја допирала месечината и станувала невидлива. Откако тоа ќе го направела повторно завртувала околу изметот, каснувала од него и и велела на месечината: „Јас сум жена, а ти си месечина, јас сум доле а ти си горе“. Кога ова три пати ќе го речела месечината од мака ќе рикнела, и ќе се кренела нагоре, а жената гола качена на кросното ќе си го продолжела патот таму каде што тргнала.

Тановиќ уште запишал дека народот за најголем грев го сметал симнувањето на Месечината. Кога ова му го раскажувала некоја баба околу петнаесет пати рекла: „Ристос да е тука!“ „Ристос да е меѓу нас… Не се овие работи за кажување“… Ако човек разберел дека се симнува месечината требало да се крие, да не излегува од дома. И ако имало запалена ламба требало да се изгасне зашто во тие моменти можело човекот да настрада, да му се земе паметот, рака или нога.

Магиски лов на мажи

Со магија се занимавале девојки пред мажење, Тој таканаречен магиски лов на мажи, зависел од место до место. Некаде береле помамник, за да се измамат момчињата по нив и овие девојки да им станат по драги.

Многубројните и разновидни обичаи што се изведуваат на Ѓурѓовден, како што се оние со билките, песните што го опеваат разбудувањето на природата, радоста поради враќањето на животот по зимскиот пасивен период и сл. упатуваат на сознанието дека Ѓурѓовден е сточарски и земјоделски празник, а свети Георгиј е небесен клучар кој ги контролира небесните и земните природни појави што влијаат да биде богат бериќетот. Во песните свети Ѓорѓија е воспеан како небесен клучар кој како што се пее во една белоруска песна, ја отвора земјата, ја пушта росата за да биде топло летото и бујно житото. Но и обичаите со крмењето на стоката, со првото пуштање на добитокот на пасење, со жртвеното јагне и сл. упатуваат на тоа Ѓурѓовден да го сметаме за сточарски празник. Како и да е очигледно е дека се работи за голем празник во кој следиме повеќе слоеви на паганската и христијанската религија.

Освен празникот Ѓурѓовден што се празнува на 6 мај (23 април, с.с.) нашиот народ празнува уште два празника поврзани со овој светител и тие спаѓаат во зимскиот период кога се празнува со домашни случби (слави). На 16/3 ноември, на денот кога е обновен храмот на св. Георгиј во Лида, се празнува празникот познат како Ѓурѓиц, а на 9 декември (26 ноември, с.с.) празникот познат како Св. Ѓорѓи – Посен.

Коронавирус