понеделник, 21. јуни 2021. Вести денес: 142
home Живот и стил

Нови истражувања: Постои поврзаност меѓу воспаленијата и депресијата

Нови истражувања: Постои поврзаност меѓу воспаленијата и депресијата

Истражување на Кралскиот колеџ во Лондон, Велика Британија, открива нови наводи за поврзаноста меѓу ниско-системското воспаление и депресијата. Имено, испитувањата идентификуваа повисоки нивоа на воспалителен биомаркер кај депресивни лица отколку кај недепресивни лица.

Но, иако двете состојби честопати се јавуваат тесно поврзани, не сите експерти се убедени дека системското воспаление со низок степен игра причинска улога при депресијата. Многу воспалителни болести се карактеризираат со тоа што пациентот е склон кон депресивни состојби, но честопати со право се тврди дека депресијата е само несакан ефект на болеста.

Користејќи податоци од „УК Биобанк“, проучувањето ја разгледува врската меѓу депресијата и воспалителниот биомаркер наречен Ц-реактивен протеин (ЦРП). Научниот труд опфаќа речиси 86.000 луѓе, од кои околу една третина имале клиничка дијагноза на акутно депресивно нарушување.

Истражувачите сметаат дека, во прицип, нивото на ЦРП е повисоко кај депресивни субјекти отколку кај недепресивни субјекти. И по прилагодувањето на другите клинички и бихејвиорални фактори, истражувачите сè уште наоѓаат врска меѓу овој воспалителен биомаркер и депресијата.

– Нашата голема анализа на податоци покажа дека социоекономските фактори, лошото здравје, нездравите навики и генетската предиспозиција за имунолошка дисфункција не се единствените објаснувања за врските меѓу депресијата и воспаленијата. Преку овој процес на елиминација, докажуваме дека може да постои основен биолошки процес зад врската меѓу депресијата и зголеменото ниво на воспаление. Ако можеме да го идентификуваме овој процес и поподробно да ја откриеме неговата улога во развојот на депресија, можеме да го отвориме патот за испробување нови третмани за ова раширено ментално растројство, истакна Кармин Паријанте, еден од авторите на трудот.

Но, постојат и скептици. Така, Дејвид Куртис од Универзитетскиот колеџ во Лондон смета дека новите откритија не се нови и веќе е познато дека воспалението може да биде поврзано со депресијата.

– Оваа студија потврдува дека нивото на ЦРП – обележувач на воспалението, е малку повисоко кај луѓето кои пројавуваат депресија во одреден миг од животот… Се сомневам дека воспалението игра клучна улога во предизвикувањето депресија и не сум сигурен дека оваа студија придонесува многу за нашето разбирање на депресијата, рече Куртис.

Претходните истражувања што ги критикуваа ваквите хипотези посочуваат дека односот меѓу двата фактора може да биде индиректен. Според нив, познато е дека слабиот сон и дебелината се поврзани со воспалението и депресијата, па затоа е тешко да се прифати кој било причинско-последичен механизам.

– Ако постои причинско-последична врска меѓу воспалението и депресијата, веројатно ќе треба да се развијат прецизни лекови за водење на овој механизам. Потребно е многу повеќе истражувања пред да дојдеме до оваа точка… Секако, нема што да укаже дека луѓето треба да се обидат да ја третираат својата депресија со антиинфламаторни лекови. Освен што немаат докажано влијание врз депресијата, овие лекови имаат и опасни несакани ефекти, додека антидепресивите се безбедни и ефикасни, истакна Куртис. (МИА)

ЕУРО 2020

Македонија